Македонија
23. January 2022 - 16:32

Се полни болницата во Штип

Се полни инфективното одделение при штипската клиничка болница. Хоспитализирани се 55 пациенти, а слободни се уште 5 ковид кревети. Од пациентите на кои им е потребно болничко лекување, 40 се на повремена кислородна поддршка. Изминатите неколку денови регистрирани се и поголем број амбулантски прегледи, а се полнат и ординациите на матичните лекари. 

-Зголемен е бројот на луѓе со коронавирус, тоа е факт. Меѓутоа, она што забележуваме кај луѓето кои боледуваат од овој нов сој е дека симптомите се помалку денови, полесни се, без поголеми компликации, со помалку хоспитализации. Сепак, тоа не треба да ги ослободи пациентите, бидејќи уште има и инцидентни тешки случаи, изјави Д-р Златко Стојменов.

Различните соеви на корона вирусот и вообичаените вирози за овој период од годината имаат слични симптоми. Затоа најдобро е да се разликуваат преку медицински прегледи, испитувања и ПЦР тестовите, додава Стојменов.

-Додатни иследувања може да се направат за да се бара причинителот. Факт е дека покрај вирозите, кои во последните неколку години ги нагласивме како причинител за есенско – зимските инфекции, веќе постојат и многу компликации со бактериски инфекции кои ги лечиме со соодветни антибиотици, вели д-р Стојменов.

Во источниот регион има околу 1000 корона позитивни случаи, а скоро половина од нив се во возрасната група од 20 до 39 години.