Македонија
18. May 2017 - 14:45

Се реконструира улицата „Народна револуција“ во Куманово

Во Куманово денеска почна реконструкцијата на улицата „Народна револуција“ во центарот на градот.

- Почнавме од најфреквентниот дел од централното градско подрачје, каде со години наназад имаше само крпење на дупките. Сега има комплетна реконструкција на 1.500 метри квадратни, ќе има симнување на горниот слој на асфалтот, подготовка на подлога и асфалтирање, изјави градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски.

Реконструкцијата на оштетувањата на асфалтот ќе продолжи кон центарот на градот, кај поранешна „Пчела“, а во меѓувреме се работи и на улиците над Соколана „Бошко Буха“ и „Милан Зечар“.

Дамјановски информира дека тендерот за летно тековно одржување и реконструкција на постоечка патна инфраструктура завршил пред пред 65 дена. Додаде дека ќе биде опфатена површина од околу 45.000 метри квадратни, а на приближно 5.000 метри квадратни ќе се спроведува крпење на ударни дупки.

- Куманово ова лето ќе има некаде околу десетина километри нова патна инфраструктура во централно градско подрачје и приградските населби, изјави Дамјановски. Најави дека ќе почне вадењето на коцка и асфалтирање на просторот од школска амбуланта, гиманазија кон Карап Маала со површина од околу 1.800-2000 метри квадратни. Развојната програма се очекува да заврши до крајот на август.

Општина Куманово за изградба, реконструкција и санација на улиците за 2017 година одвои 50 милиони денари.