Бизнис
29. May 2023 - 16:33

Се враќа дневната евтина тарифа, РКЕ ги чека барањата за да утврди дали ќе има промени во сметките за струја

Евтината тарифа за струја повторно се враќа. Ќе ја има два часа дневно во периодот од 11 до 16 часот, но терминот се уште се утврдува. 

Првиот човек на Регулаторната комисија, сепак, не откри од кога ќе стапи во сила, туку рече дека сите детали ќе се финализираат за петнаесетина дена. Евтината струја нема да стапи во сила истовремено за сите.

„Не може да стапи на сила оддеднаш бидејќи нашите броила немаат далечинско отчитување и за сите ќе треба да се излезе на терен да се променат. Тоа беше и порано така, рече Бислимовски.

РКЕ ги прибира барањата на енергетските компании за новата цена на струја од 1 јули. До среда барање треба да достави МЕПСО, а ЕСМ наредниот месец ќе каже по која цена ќе ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум, од што најмногу ќе зависи новата цена за граѓаните.

Проценките на РКЕ се дека струјата нема да поскапи.

-Да ги видиме работите на кои не можеме да влијаеме. Да видиме ЕСМ која цена ќе ја понуди. Јас не сум приврзаник за каква било промена, односно зголемување на цената на електрична енергија. Сето тоа, што ни постои како можност и тоа што го имаме ќе го искористиме за да можеме уште повеќе да ја релаксираме ситуацијата со цената на електрична енергија, рече Бислимовски. 

Повеќе од јасно е дека државата ќе го зголеми својот колач и ДДВ-то на сметките од 10 ќе се врати на 18%. Но, министерот Бектеши уверува дека тоа нема да значи и поскапи сметки за граѓаните. 

-Ако зборуваме само за тие 8%, од денеска гарантирам дека тие 8% ќе бидат намалени ако треба во други параметри на утврдување на цена, но не значи дека само 8% ќе се намали, може и повеќе. Денеска јавно кажувам дека граѓаните нема да плаќаат повисоки сметки, ќе плаќаат помалку од тоа моментално го има. Како ќе биде моделот ќе треба сите заедно да се днеме и да разговараме, рече Бектеши.

Очекувањата се дека и во зимскиот период во текот на денот на берзите цените ќе бидат пониски поради зголеменото производство на фотоволтаици во Европа. До крајот на годинава во Македонија се очекува да има фотоволтаици со инталирана моќ од 250 до 300 мегавати.