Македонија
26. November 2022 - 16:31

Семејното насилство ги полни центрите за заштита на жртвите

Семејното насилство во Југоистокот станува загрижувачка појава. Ова го покажуваат и бројките од шелтер центарот и советувалиштето за психо-социјална поддршка на жртви од семејно насилство. Само за една година во центарот биле згрижени 25 жртви од кои поголемиот број се мајки со деца, а во советувалиштето се одржале над 500 средби. Од невладината организација „Скај плус“ велат од една страна бројките се застрашувачки, но од друга тоа е добро бидејќи покажува дека жртвите повеќе не молчат туку го пријавуваат насилство.

Со нов проект во поддршката на жртвите на семејното и родово базирано насилство се вклучи и општина Струмица. Од таму најавија отварање на куќа за отворено домување од 6 до 24 месеци.

Во рамки на кампањата 16 дена активизам за борба против семејното и родово базирано насилство општинската зграда во Струмица симболично е осветлена во портокалова боја.