Бизнис
28. March 2023 - 21:16

Серија неправилности во работењето на Фондот за пензиско

Починати луѓе земале пензии, погрешни пресметки и нераспоредени пари -Ревизорите утврдиле бројни неправилности во работењето на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Ревизијата открила дека се прават технички грешки поради кои може да има нереални пресметки на пензиите.

„Електронскиот систем има вградени контроли и автоматско преземање на податоците за корисниците, износите за исплата и коефициентите за усогласување на пензиите, но се случува параметрите од кои зависи утврдувањето на висината на пензиските примања поради технички проблеми да не се преземат целосно точно, поради што има ризик од грешки во пресметките “, пишува во ревизорскиот извештај.

ДЗР нотира дека е воспоставена пракса дел од извршителите да повлекуваат пари директно од сметката на Фондот, во случај кога должникот-пензионер не е во можност да го враќа долгот. На овој начин 8 извршители повлекле 20.000 евра.

„Фондот констатира дека одредени извршители, откако биле известени од стручната служба на Фондот дека не се во состојба да го реализираат налогот за извршување од повеќе причини (починат корисник на пензија, корисник со најнизок износ на пензија, корисник за кој веќе се задржува 1/3 од пензијата по друг налог за извршување) пристапиле кон извршување директно од сметката на Фондот“.

Поради погрешно внесувањето податоци, пари што веќе се уплатени во ФПИОМ нема да може да се користат, па така поради нечии грешки идните пензионери нема да може да добијат целосни пензии.

Зголемените приходи не се доволни да ја покријат „дупката“ во Фондот и покрај тоа што 37,5% од приходите во ПИОМ доаѓаат од државниот Буџет, покажува ревизијата.