Loading Video...
Свет
28. March 2020 - 16:39

Шпанија со рекорден број на починати за едноденоноќие

Во Шпанија изминатата ноќ починале 832 луѓе, со што вкупната бројка на починати надмина пет илјади и 600, соопшти Министерството за здравство. Ова е раст од 17 проценти на смртната стапка од корона во земјата, додека бројот на заразени се искачи на над 72 илјади.

Шпанските лекари соопштуваат дека позитивно е што се зголемува и бројот на оние кои заздравуваат од инфекцијата. Тестовите на три илјади луѓе се негативни на корона во изминатото деноноќие, со што вкупната бројка на оние кои прележале Ковид 19 во Шпанија изнесува 12 илјади и 200.

Додека се чекаат новите податоци од Италија, според најновите биланси, во светот досега се регистрирани 613 илјади 829 луѓе заразени со новиот коронавирус. Досега починале 28 илјади и 200, додека оздравени се 137 илјади.

Јужна Кореја се ближи до бројката 10 илјади инфицирани, откако вчера се регистрирани 146 новозаболени лица, а раст бележи и Канада со регистирани над 670 новозаразени лица со Ковид-19. Во нашиот регион податоци од денеска соопштија од Република Српска, каде што се забележани седум нови случаи на Ковид-19, со што вкупниот број на новозаразени изнесува 162.

Во борба со новиот вирус, државите речиси секјдневно носат нови мерки и препораки. Република Ирска воведе задолжителен двонеделен преиод во кој сите мора да останат во своите домови, освен оние кои имаат задолжителна работа, или пак купуваат храна и лекови.

Русија воведе еднонеделен платен период, откако ги затвори сите ресторани, барови и продавници.

Забрана за напуштање на своите домови за лица над 65 години, трудници и хронично болни донесе Малта, додека Унгарија забрани секакво собирање во групи.

Финска исто така воведе рестрикции на движењето во најнаселената област, која го вклучува Хелсинки и која бележи најголем број случаи на корона. Мерките кои првично треба да траат до 19 април предвидуваат забрана за движење на граѓаните, освен ако тие немаат, како што е наведено, “многу добра причина”.

Во образложението на финската влада се вели дека во обезбедување на почитувањето на мерките се вклучува и војската.

На европска солидарност во борбата со здравствената криза денеска повика францускиот претседател Емануел Макрон, истакнувајќи дека „Европа не смее да биде себична“.

Тој во интервју за водечките италијански дневни весници предупреди дека актуелната криза не може да биде надмината без европска солидарност во смисла на здравјето и буџетот, порачувајќи дека Франција е со Италија во овие тешки моменти.