Македонија
6. July 2022 - 12:24

Штип 2 дена без вода на 40 степени

На екстремно високи температури, поради голем дефект на главната водоводна линија, Штип остана без вода за пиење. Вработените во водовод и канализација при ЈП „Исар“, 20 часа работеа на санација на пукнатата бетонско азбесна цевка, но поради дотрајаната примарна водоводна мрежа многу населби без вода беа речиси 48 часа.

За да не настанат дополнителни дефекти на водоводната мрежа, бидејќи водоводната линија е празна поради дефектот, доколку дојде до поголемо количество на вода би можело до уште поголеми дефекти, така што, контролирано, малку по малку ја пуштивме водата. Нашите инжинери од филтер станицата го контролираат тоа, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „ИСАР“-Штип.

Градот по втор пат останува без вода за пиење, откако се приклучи на ХС „Злеовица“, што значи и поголемо количество вода во водоводната мрежа. Проблем се старите цевки, од кои некои се постари од половина век.

Дотрајаноста си го прави своето. Не се инвестирало и не се барало начин порано за замена на овие линии, но еве сега размислуваме и за тоа и верувам дека ќе најдеме начин во догледно врме да започнеме со реконструкција на примарната мрежа, додаде Здравков.

За реконструкција на примарната водоводна мрежа, градочалникот неодамна побара поддршка од политичките партии, бизнис секторот и урбаните заедници, за пренамена на средствата од самопридонесот во висина од 1 милион евра, кои веќе две децении се неискористени.