Македонија
1. February 2023 - 16:38

Што е причина за високото ниво на корупција?

Политичкото влијание и нефункционалниот правосуден систем се причини за високото ниво на корупција во државата, сметаат во антикорупциска. За лошата оценка од „транспаренси“, придонесува и отсуството на интегритет.

„Овој фактор најмногу влијае да постои корупцијата и да постои таква перцепција кај граѓаните дека постои корупција. Ние, каков-таков систем имаме, имаме и добри закони, меѓутоа, од другата страна немаме луѓе кои навистина ги почитуваат. Наместо да се почитува системот, како да е предизвик за поединци како да го надитрат! Е не може со таков однос да успееме“, вели Билјана Ивановска, Претседател на Државна комисија за спречување на корупција.

За првиот човек на правда, земјава, иако минамално во споредба со лани, покажала напредок во борбата со корупцијата.. Тоа е мотивирачки, смета Тупанчевски.

„Самиот чин или самиот податок дека имаме поместување во позитивна смисла на зборот, вклучувајќи ги и земјите од регионот дава надеж дека некои работи минимално, меѓутоа се поместени во позитивна смисла на зборот. Добро е тоа. Меѓутоа, ако ме прашате мене како министер треба уште многу да работиме за подобрување на состојбите на тој план. Ова е само мотивирачки“, изјави Никола Тупанчевски, Министер за правда.

Според ВМРО-ДПМНЕ, недозволиво е за успех да се смета тоа што земјата останала во друштвото држави со високо ниво на корупција.

„Ако министерот за правда и мој колега од УКИМ, е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија, наместо во Европската унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки“, вели Христијан Мицкоски, Претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Антикорупциска, за подобрување на борбата со корупцијата, неопходна е поголема ажурност од обвинилтеството.

„За секој случај кој го пријавуваме до обвинителството, не мора од нула да ја почнуваат постапката, заради тоа што ние сите тие иницијативи ги доставуваме со поткрепувачка докукментација.

Значи оној труд кој сме го вложиле, тие треба само да го надградат, а не да почнуваат и губат време од почеток“, вели Ивановска.

Извештајот за перцепција на корупцијата, земјава ја рангираше на 85 место од 180 држави во светот.