Македонија
17. January 2021 - 16:31

Ски центарот Нижеполе преполн со посетители

Сончевото време и снегот кој наврна изминатите два-три дена ги привлече не само битолчани, туку и љубителите на планината и од други градови во Македонија денеска да дојдат и да уживаат во ски-центарот Нижеполе на Баба планина. Некои дојдени да дишат чист воздух после прележана корона, некои да уживаат во амбиентот со чај со рум или варено вино, но скијачите се чини дека беа најрадосни што после една година конечно ќе можат да скијаат. Ги запрашавме и дали внимаваат на дистанцата заради ковид пандемијата.

Од ски-центарот велат дека патеката е подготвена, има 50 сантиметри снег кој е доволен. Ги радува и огромната посетеност.

- Сите луѓе од околината дојдоа, гравитираат од Демир Хисар, Прилеп, неготино, Кавадарци. Многу сме посетени, сите го посакуваа снегот, моментално ни се на располагање двата ски лифта од капацитет од 700 скијачи на час. Снегот се надеваме дека ќе го имаме и во наредната недела, нашите екипи ги изработуваат патеките и мислам дека сме спремни, изјави Горан Марковски, раководител на Ски центарот Нижеполе.

Редарска служба денеска беше задолжена за почитување на протоколите за заштита од Ковид 19.

- Самиот центар имаме ангажирано луѓе од ЈП Стрежево кои го организираа тоа, редарска служба на паркинзите, пред чајџилницата и  редарска служба која се грижи за скијачите пред да се качат на ски лифтовите, имаме поставенма заштитна мрежа. Апел до сите, здравјето ни е најважно на сите, вели Марковски.

Околу 200 битолчани пак синоќа уживаа во првото ноќно скијање годинава на терените на Нижеполе. Од ски центарот велат дека и наредните денови ќе организираат повторно, затоа што заинтересираноста е голема заради атрактивноста на ноќното скијање.