Скопје и денеска меѓу најзагадените градови во светот - и внатре и надвор дишеме загаден воздух
Скопје неколку дена по ред е на врвот најзагадени градови во светот. Според податоците на платформата Ај кју ер и утринава во главниот град штетните ПМ честички биле повеќе од 3 пати над дозволеното. Ова може да се забележи и доколку се искачите до Водно. И покрај дождот и ветерот од снимката може да се види што дишеме во котлината.
Но, не само надвор и внатре дишеме загаден воздух. Ова го покажуваат мерењата на Универзитетот Гоце Делчев од Штип во градинки и училишта во 5 градови во државата Куманово, Гостивар, Струмица, Кавадарци и Струга. Според резултатите присуството на штетни Пм честички и во внатрешните простории на воспитно образовните установи се двојно повеќе од препорачаните вредности. Според Ректорот на УГД ова е поголем проблем бидејќи зимскиот период подолго време престојуваме внатре.Тој даде и предлог мерки за подобрување на квалитетот на воздухот кој го дишат децата и наставниците.
- За разлика од надворешниот воздух, во внатрешните простории има услови за преземање на повеќе мерки - од современи системи за вентилација и филтрација на воздухот со хепа филтри, кои можат според повеќе студии, во реални услови да намалат и 80-90 проценти од концентрацијата на суспендирани честички. Опасноста од загаден воздух демне и во затворените простории речиси на исто ниво како и на отворено, изјави проф. Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“.
Резултатите и предлог мерките на панел дискусијата за проектот “Справување со загадувањето на воздухот” кој го спроведува УНДП, а го финансира Шведка ги слушнаа и надлежните министри.
Заменик министерот рече дека како краткорочно решение градинките можат да набават прочистувачи на воздух. Образование фокусот го става на енергетски ефикасни фасади, а здравство на замена на начинот на греење.
- Проблемот треба да го гледаме и пошироко, дури и глобално, со цел да се најдат посеопфатни решенија, рече Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика, демографија и млади.
- Сите реконструкции и нови градби кои ги одобрува Министерството за образование и наука, задолжително се енергетски ефикасни, со што се намалуваат емисиите на штетни гасови и се заштитува животната средина. Изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
- Се работи за 10 болници каде што ќе се замени досегашното греење со мазут и нафта, со нови начини кои нема да го загадуваат воздухот. Се надевам дека проектот ќе помогне многу, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
Според министерот за здравство засега нема зголемен број на пациенти со респираторни потешкотии во болниците и клиниките поради аерозагадувањето и посочи дека државата има доволно капацитети да ги згрижи и третира и децата и возрасните.
Податоците од ИЈЗ покажуваат дека годишно мво Македонија од загаден воздух умираат околу 3400 граѓани, што е околу 18 проценти од вкупната смртност.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар