Македонија
19. December 2025 - 16:37

Смарт МК 2030 – амбициозна Стратегија за ИКТ развој на државата

На 120 страници, Министерството за дигитална трансформација објави амбициозна Стратегијата за развој на ИКТ Смарт МК 2030. Документот ќе треба да го обликува дигиталниот развој на државата и услугите кои таа ги нуди.

Дигитален паричник и електронски идентитет за секој граѓанин, терминал за услуги на јавен простор, пристап до гигабитен интернет до секое домаќинство, драстично подобрување на дигиталните вештини на населението, за двојно зголемување на продуцирањето на ИТ кадри на факултети. Ова се главните задачи кои државата си ги постави сама на себе, а ќе треба да ги спроведе за 5 години отсега.

Дигиталниот паричник ќе служи за добивање информации, документи, но и потсетувања од страна на институциите.

- Ќе тестираме со една најкористена, според мене, можност, а тоа е при истекување на лична карта. Секој граѓанин на 3 до 6 месеци од рокот, како што е пропишано во законот, ќе добие нотификација во неговото сандаче дека за одреден број на денови му истекува личната карта и дека може да, со аплицирање на порталот, да си закаже термин да си ја обнови, вели министерот Андоновски.

Терминалите за услуги, пак, ќе бидат поставени на јавни места трговски центри, пошти, киосци.

- Со едноставно скенирање на личната карта, граѓаните преку овие терминали добиваат можност да искористат шест услуги. Станува збор за потврда за евидентирано невработено лице, М1/М2 образец, историјат на работни односи, потврда на право за гарантирана миниманална помош, податоци од Централниот регистар на население и М4 образец за стаж. Со едноставно барање терминалот дава опција да може да се испринта на лице место и практично, документот да се добие за помалку од две минути.

Според премиерот, Стратегијата е визија, но и јасен план кој ќе биде одговор на реалните предизвици со кои се соочува македонското општество.

- Дигиталната трансформација не е само воведување нови технологии. Таа е системски процес кој подразбира длабока промена во начинот на кој функционира државата, во културата на институциите и во односот кон граѓаните и бизнисот. Таа значи поедноставни и побрзи услуги, помалку бирократија, повеќе отчетност и поголемо учество на граѓаните во креирањето јавни политики, рече премиерот Мицкоски.

Сепак, оваа визија бара промена на 140 закони за институциите да ја исфрлат хартијата, а не само нови терминали. Вистинскиот успех ќе се мери ако се стави крај на чекањето по шалтери.