Македонија
21. January 2020 - 16:43

Смртоносниот корона-вирус се рашири надвор од Кина-во Македонија ќе заседаваат здравствените власти

Светот пред закана од вонредна состојба по појавата на смртоносниот вид на корона вирус во Кина. Светската здравствена организација за утре закажа итен состанок и најава за вонредни мерки по брзото ширење на болеста од која досега има стотина заразени и неколкумина починати.

Вирусот се прошири и надвор од кинеските граници и заболени пријавиле Тајланд, Јапонија, Северна Кореја и Австралија. Новата закана ги мобилизираше и властите во Македонија и соседна Србија, каде,  по Кинеската нова година се очекува враќањето на голем број кинески работници, а со тоа и опасност од ширење на смртоносниот вирус. За утре веќе е закажана седница на Комисијата за заразни болести каде ќе расправаат дали има потреба од вонредни мерки на аеродромите. Ставот на епидемиолозите е дека засега нема простор за паника.

-До овој момент се цени дека можноста за проширување на болеста е на многу ниско ниво иако не се исклучува појава на импортирани случаи во која било земја. Адекватно на оваа ситуација направивме напори и отворивме стандардни постапки и подготовка на документација за набавка на новите дијагностикуми, за дијагностика на новиот корона вирус, вели др. Гордана Кузмановска, епидемиолог во ИЈЗ

По потврдата од кинеските власти дека вирусот се пренесува од човек на човек, светски експерти во следниот период очекуваат да добијат информации на кој начин се шири  меѓу луѓето.

-Има 14 медицински лица заразени од првите 200 регистрирани случаи и тоа е голем број. Но овие лица се во многу поголем ризик од општата популација, вели Дерек Гадерер, универзитетски професор по биомедицина во Велика Британија

Висока температура, треска и отежнато дишење се симтомите на смртоносниот вирус од кој во кинеските болници поголем број од заболените се во критична состојба и во карантин. Во Америка на неколку аеродроми има посебни проверски за лица кои доаѓаат од Кина а американскиот национален институт за здравје веќе работи и на вакцина за новиот коронавирус.