Собранието го донесе ребалансот на Буџетот за 2016

Собранието на Република Македонија денеска во рамки на 111.седница со 55 гласа „за“ и 23 против го донесе ребалансот на Буџетот за 2016 година. За буџетот не гласаа пратениците од опозицијата. Во рамки на неколкудневната општа расправа по предлогот пратениците од СДСМ и други опозициски пратеници истакнаа дека не се согласуваат со предложениот ребаланс зашто во него е содржана и еврообврзницата која, според нив, е незаконски издадена.
Ребалансот на Буџетот предвидува намалување на вкупните приходи од 177,292 милиони денари на 174,291 милион и на вкупните расходи од 196,276 на 195,472 милиони.
Дефицитот е ревидиран од 18,984 на 21,181 милион денари.
Без расправа Собранието на денешната седница ги донесе и Предлог законот за ратификација на измените и дополнувањата на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка, предлог одлуките за објавување јавен оглас за именување на претседател, заменик претседател и заменик член на Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката, за избор на член на Советот на јавни обвинители и за именување на член на Комисијата на Агенцијата за пошти.
Во моментов започна расправа по предлогот Костадин Кизов, дипломиран правник со положен правосуден испит да биде избран за член на Судскиот совет на РМ, утврден од Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на РМ.
На дневен ред на 111. седница се и Предлог законот за изменување на Законот за државниот испитен центар, по скратена постапка, како и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Македонија за 2015 година.
На денешната седница се и неколку ратификации на спогодби на Владата на Република Македонија со владите на Виетнам, Италија и Србија.
Пратениците ќе расправаат и по измените и дополнувањата на Законот за здравственото осигурување, на Законот за градежно земјиште, на Законот за административни службеници и на Законот за спортска академија, сите по скратена постапка.
Ново на Сител
-

31 година од атентатот врз Киро Глигоров - сè уште без одговор кој стоел зад нападот
-

Сончево со мала до умерена облачност и студено утро
-

Г7 пушта до 100 милиони барели нафта и дизел од резервите за да ги намали цените
-

Од декември построги услови за кредит
-

Македонците со минимална плата можат да купат 19% повеќе храна од пред пет години
-

Директор на „Државна лотарија“ на судењето негираше сознанија за влијание на Груби врз одлуките на Бајрами
-

Муцунски ја пречека Фон дер Лајен на скопскиот аеродром
-

Мицкоски: Вештачката интелигенција е технологија на сегашноста, Македонија треба да биде активен учесник
