Македонија
28. September 2021 - 16:29

Собранието подготвено, се чека барање за продолжување на пописот

Државниот завод за статистика најдоцна до утре ќе процени дали ќе побара продолжување на пописот. Директорот Апостол Симовски, за Сител вели дека во зависност од денешната работа на попишувачите ќе се знае дали пописот ќе заврши на 30 септември. Од статистика објаснуваат дека поради хакерски напади на системот, попишувачите не работеле пет дена, па ако се утврди дека тоа го забавило процесот, можно е да се побара дополнителен рок за спроведување на пописот. Од Министерството за правда кое е предлагач на Законот за попис, засега нема одговор дали ќе и предложи на владата продолжување на пописот.

Ако се одлучи на таков чекор, измената ќе треба да се гласа во собрание. Спикерот Џафери, вели иако рокот е краток, итно ќе свика седница, но само ако за тоа се согласат сите политички партии. Не сакал собраниската говорница да се злоупотреби за предизборна кампања.

Според последните податоци на статистика, до вчера попишани биле близу еден милион и 700 илјади граѓани.

Пописот почна на 5 септември и наместо вообичаените 20 дена, статистичката операција беше одлучено да  трае уште пет поради ковид пандемијата.