Македонија
10. August 2022 - 16:41

Сомнителен случај на мајмунски сипаници во Македонија

Лабораториските анализи во ИЈЗ треба да покажат дали кичевчанецот е заразен со мајмунски сипаници. Епидемиолог стапил во контакт со сомнителниот случај, му бил земен примерок за тестирање и се очекува во текот на денот материјалот да биде испратен за испитување во Скопје. Во меѓувреме направена е и анкета со кого се контактирал изминатите денови, за да се изолираат тие лица.

-Пациентот е лоциран и веќе е контактиран од надлежен епидемиолог од ЦЈЗ Битола и првичната анкета е завршена, следно би требало да се изврши тестирање за кое имаме тестови достапни во ИЈЗ и би требало да имаме дефинитивен одговор дали се работи за или не се работи за мајмунски сипаници, изјави за Сител проф. д-р Александар Петличпковски, претседател на Комисијата за заразни болести.

Сомнителниот случај за мајмунски сипаници пред 2 недели се вратил од Австрија, но пред неколку дена добил осип на телото што е еден од симптомите за ова заразно заболување. Пациентот е во добра состојба и нема  потреба од хоспитализација. Тој воопшто не дошол на Инфективната клиника во Скопје, туку бил прегледан од лекари во Кичево.

-Првичните лабораториски анализи се направени, тој е во добра здравствена состојба и не е дојден на Клиниката за инфективни болести. Нема потреба од хоспитализација, има исип, но и други состојби одат со исипот и не е доказ дека се работи за мајмунски сипаници, вели проф. Петличковски.

Попладнево за состојбата со мајмунските сипаници ќе заседава и Комисијата за заразни болести

Инаку во Европа во 40-тина држави се потврдени случаи со ова заразно заболување, а само во првите десет дена од август потврдени се над 12.000 заразени. Покрај осипот други карактеристични симптоми се висока температура, болка во мускулите и омалаксаност. Периодот на инкубација е од 2-4 недели, а смртноста е од 3 до 6 отсто.