Македонија
10. August 2020 - 16:53

Состанокот на Комисијата за заразни болести со МОН за протоколите за наставата продолжува утре

И денеска нема официјална одлука како ќе стартува учебната година од 1ви септември. Претставници од образование биле на состанок со Комисијата за заразни болести, но не прецизирале како ќе учат учениците – со физичко присуство во училниците, комбиниран или пак он лајн. Дел од членовите на Комисијата со кои разговараше Сител велат дека ова е тешка одлука и не може да дадат зелено светло за еден модел доколку тој не може во исти услови да се спроведува во цела држава. Доколку во основни или средни училишта во Скопје има услови, тоа не важи и за поголем број вакви образовни установи во внатрешноста каде не само што фалат просторни услови, туку во дел нема ниту тоалети. Ако пак децата до 6то одделение одат на настава, а оние до деветто следат преку далечина, тогаш според епидемиолози може да се сосздадат услови за одржување на дистанцата меѓу учениците. Но нема одговор дали има доволен број на наставен кадар за да работи со помали групи на деца. Од Министерството за здравство соопштија дека разговорите меѓу Комисијата и Министерството за образование продолжуваат утре, каде според информации на Сител една од точките е и целодневната настава со која се засегнати голем број на родители.

-Денес не беа донесени заклучоци во однос на овие прашања, разговорите продолжуваат и во наредните денови со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата, велат од здравство и појаснуваат дека финалната одлука е во рацете на ресорното министерство.

И додека надлежните на само 20 дена пред стартот на учебната година бараат соодветен модел, социјалната група за поддршка на он лајн настава која брои повеќе од 7000 членови веќе најави дека утре до сите релевантни инситутции ќе достават барања кои според нив се во интерес на сите учесници во образовниот процес. Велат дека многу помоќни земји од нашата ги отворија училиштата и многу бргу ја увидоа грешката.

Доколку не добијат можност децата да следат настава од далечина, тогаш родителите очекуваат одоговори на многу суштински прашања од кои според нив ќе зависи и степеност на заштита на здравјето на сите.

Кој ќе оди во изолација ако има еден заболен во одделение, кој ќе ги сноси трошоците за ПЦР тестовите, како ќе се реши проблемот со превозот на учениците, како ќе се организира движењето низ ходниците се само дел од дилемите на семејствата.