Македонија
27. јуни 2024 - 16:31

Состојбата во затворот „Идризово“ алармантна, новиот министер денеска во посета

Амбуланта останува најкритичното одделение во затворот Идризово. По смртниот случај во кој затвореник го претепал до смрт неподвижниот цимер во ќелијата, вчера во амбулантското одделение имало масовна тепачка, каде се повредени три лица меѓу кои и полицаец.

Во Амбуланта се сместени болните затвореници, но и зависниците од дрога. Иако има капацитет за 150 лица, во одделението има околу 250 затвореници. Во соба каде може да спијат осум, спијат и по 12 или 13 осуденици. Високите температури, пренатупаноста, мешањето на етничките заедници придонесува секојдневно да има тепачки и кавги, особено во амбулантското одделение, вели за Сител директорот на Идризово, Зоран Јовановски.

Вчера тепачката била масовна, ја смиреле од затворската полиција, но денеска повторно имало тензии во најголемиот затвор во Македонија. Случајот е пријавен и во полиција.

На 26.06.2024 во 13.10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10.30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу повеќе осудени лица, при што со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Директорот на Идризово, вели ниту една надлежна институција не се нуди за помош во затворот кој е во еден вид на стечај, бидејќи им недостигаат и стражари и воспитувачи, а осум вработени од правната служба си заминале.

Со свои средства реновираат одделение за да ги редуцираат пренатрупаните затвореници од Амбуланта, но ќе чекаат зелено светло од Советот на Европа и од министерството за правда за да го пуштат во употреба. Би требало да биде готово за две недели.

Новиот министер за правда, Игор Филков за Сител вели дека денеска ќе изврши увид во затворот, бидејќи ситуацијата е алармантна и мора да се преземат мерки.

Од Хелсиншкиот комитет алармираат државата да најде трајни решенија за безбедноста и сигурноста на затворениците.

Изјава- Хелсиншки комитет

Од кај народниот правобранител ќе ги испитуваат и случајот со починатиот претепан затвореник и за синоќешната масовна тепачка.