Македонија
25. February 2020 - 16:32

Советот на јавни обвинители: Протестите не влијаат на нашата работа

Протестите пред судот и обвинителството организирани од политички партии не се сериозно влијание врз работата на правосудниот систем, смета првиот човек на Советот на јавни обвинители. Претседателот Ацо Колевски, вели дека ниту протестот на СДСМ ниту на ВМРО-ДПМНЕ не влијаат на конкретни предмети.

„Ова може да се каже дека претставува влијание  меѓутоа не е од суштинска природа според мене влијанието. Не се укажува конкретно на кој предмет како да се заврши туку ова е генерално од позиција на политички причини тоа се прави во случајот. Мислам дека не е премногу сериозно , не се сериозни овие влијаниа  сметајќи го и претходниот протест а и денешниот. Не би требало да влијаат врз конечната одлука на јавните обвинители“, вели Ацо Колевски, Претседател на Совет на јавни обвинители.

Советот на јавни обвинители на денешната седница утврдил дека недостасуваат 40-тина јавни обвинители во сите нивоа на јавнообвинителската служба, а во следните две години 28-мина треба да заминат во пензија. Бројот на обвинители во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција кое со новиот закон добива поголеми надлежности, ќе го одредува шефот на ова обвинителство. Според Колевски, предлогот за бројот на обвинители кој ќе се побара треба да биде реален и во согласност со бројот на поднесени кривични пријави и предмети кои ги работи тоа обвинителство.