Loading Video...
Кошарка
31. January 2020 - 15:07

Спортската јавност се збогува од кошаркарската легенда Благоја Георгиевски – Буштур

Македонската спортската јавност денеска се збогува од кошаркарската легенда Благоја Георгиевски – Буштур, кој вчера трагично го загуби својот живот. 
 
На комеморативната седница која се одржа во хотелот „Дабл Три – Хилтон“ во Скопје, а во чести и сеќавање на Благоја Георгиевски – Буштур кој ќе остане запаметен како единствениот македонски кошаркар кој се закитил со медал од Европските првенства, но и Олимписките Игри, се збогуваа голем број на негови поранешни соиграчи, тренери, кошаркарски и воопшто спортски работници, но и другари и пријатели.
 
Буштур остави големо наследство на бројни кошаркарски генерации, минати но и идни, меѓу другото истакна Генералниот секретар на КФСМ, Тодор Ѓечевски.  
 
„Тешко е да се зборува во вакви моменти. Место да ги славиме големите успеси во неговата кариера, сега зборуваме за него, без него крај нас. Сигурно беше голем кошаркар, така ми велат другите. Сигурно беше инспирација за цела генерација. Денеска зборувам за него како човек. Кога дознав за тажната вест се потсетив на нашата прва средба. Покрај во кошарката колеги бевме и во риболовот. Жалам што иако многу пати се договаравме никогаш не отидовме заедно. Се надевам дека сега на небото ќе дава кошеви и ќе фаќа големи риби“,низ солзи истакна Гечевски.
 
За ликот и делото на Буштур говореа и Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов како и Васил Топурковски, Претседателот на МОК, чиј долгогодишен член во највисоките органи, но и дел од клубот на македонските спортски великан беше Буштур.