Македонија
18. January 2021 - 19:54

Србија ќе одвои 8.000 вакцини од Фајзер за Македонија

Првите ковид вакцини за земјава ќе ги донира Србија. Премиерот Заев вели дека во комуникација со Претседателот Вучиќ, било договорено земјава да добие 8 илјади вакцини од производителот Фајзер. Иако биле понудени како донација, Заев вели дека земјава ќе ги плати вакцините.

„При прифаќањето на нашите барања испратени насекаде, Претседателот Вучиќ понуди према нашата земја да помогне со вакцини и тој ги изусти зборовите дека сакаме да го донираме тоа. Сме благодарни на таквиот чин, секако ние сме земја, имаме пари и ќе си го платиме, па после тоа од негова страна беше потврдено дека ќе ги дадат по набавните цени, секако по кои Србија ги има набавено вакцините“, изјави Зоран Заев, Претседател на Влада.

Нема рок кога ќе пристигнат вакцините од Србија. Деталите дополнително ќе ги договорале ресорните министри и агенциите за лекови на двете земји.

„Нашиот здравствен систем е целосно подготвен за вакцинација. Клиниката за трансфузиологија отстапи два фрижидери на -80 степени за чување на вакцината Фајзер, а во земјава викендов стигнаа уште два фрижидери“, велат од Министерството за здравство.

Во меѓу време, земјава ги очекува првите пет илјади вакцини од Фајзер кои според најавите треба да пристигнат идниот месец. Дотогаш, вели Заев, помош во вакцини ќе се бара од другите држави.

„Договоривме, во тек е постапката за потпишување на договор со Фајзер за 800 илјади вакцини кои покриваат 400 илјади граѓани и нашата јасна определба е за набавка на вакцините од Фајзер. Како што знаете  во последните недела-дена бараме поддршка и помош и од други земји да ни дадат помош за да можеме час поскоро да почнеме додека не стигнат првите 5850 во февруари, тоа е следниот месец имајќи во предвид дека денеска сме 18 јануари“, изјави премиерот Заев.

Македонските власти очекуваат Србија да донира вакцини и од другите производители.