Македонија
27. November 2021 - 10:48

Средба Шахпаска-Самарџиќ Марковиќ: Политиките за ранливите категории граѓани даваат резултати

На маргините на Меѓународната конференција за жените Ромки и патувачите министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска се сретна со генералната директорка на директоратот за демократија Снежана Самарџиќ Марковиќ.

Министерката Шахпаска информираше дека преку дијалог и инклузивен процес Северна Македонија успеа со консензус да усвои два клучни закони, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.Ова, констатираше министерката Шахпаска, е дополнителна гаранција дека законите целосно ќе се имплементираат. Таа нагласи дека во Законот за спречување и заштита од дискриминација родовиот идентитет и сексуалната ориентација е препознаена како основ за дискриминација, што претставува сериозен напредок во однос на заштитата на човековите права, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

Директорката на Директоратот за демократија Самарџиќ Марковиќ, како што стои во соопштението, го поздрави овој успех, особено воведувањето на родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основ за дискриминација.

Министерката Шахпаска информираше дека во законската регулатива за заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвиден е мултисекторски пристап, постапување со должно внимание на институции, како и брза реакција на судовите во случаите на насилство. ​

Директорката Самарџиќ потенцираше дека Северна Македонија, како членка на Советот на Европа е дел од тоа семејство и затоа поддршката и заедничката соработка посебно во делот на политиките за ранливите категории граѓани не само што ќе продолжат, туку и ќе се интензивираат.

Двете соговорнички оценија дека меѓусебната соработка може да се интензивира како во процесот на унапредување на правата на децата, на децата жртви или сведоци на насилство, така и во делот на надминување на проблемот со бездомниците, информира МТСП.