Македонија
9. August 2020 - 16:39

Средношколци од Прилеп создадоа бионичка рака, одат на светски натпревар

Борис Ночески, Орхан Багашов, Ана Марија Илиева и Тео Китаноски се 4-ицата средношколци од втора и трета година кои измислија бионичка рака-електронска протеза направена на 3Д принтер. Со овој изум го освоија првото место на националниот младински предизвик „Генерација без граници“. Во септември ќе учествуваат на светскиот натпревар за средношколци и студенти иноватори поддржан од УНИЦЕФ, каде ќе конкурираат со уште 80 тима од 40 држави. Борис Ночески кој е дел од тимот вели дека предноста на оваа рака е што може да се состави само за 250 долари, додека во светот истата чини и до 100.000.

„Вакви раце постојат, но нашата има две главни предности. Тоа што е 30 пати поефтина од останатите бионички раце, нивната цена започнува од 7.000 долари, па оди и до  100.000. А нашата рака може да се добие по цена од 250 долари. Исто така предноста е што е надградлива за деца, па така кога веќе ќе се смали, бидејќи секое тело е во раст, би можело да се направи нова. И трета најважна работа е што секој може да ја направи сам. На нашата веб страна се прикачени линкови од деловите кои се потребни, моделите за 3Д печатење и инструкциите како да се направи раката. И секој човек може да ја направи во рок од 1 час без претходно искуство“, вели Борис Ночески, дел од тимот на млади иноватори.

Во иднина планираат патентирање на производот, а освен продажба на раката, планираат да продаваат и делови за неа, како и да организираат работилници на оваа тематика. Раката е тестирана од страна на Маја Кироска од Тетово, која сама ги контактирала откако слушнала за иновацијата.

„Главниот дел на бионичката рака се мускулните сензори кои се поставуваат на мускулите на подлактицата и ги читаат мускулните импулси, кои се пренесуваат до моторите кои се задолжени за целосно движење на раката и на нејзината моторика. Раката беше испробана од Маја која живее во Тетово и работи со текстил и изработка на венчаници. Се покажа дека раката работи и е целосно функционална“, додаде Ночески.

Но за жал овие иноватори својата иднина ја гледаат во странство, бидејќи велат дека се уште Македонија не вложува доволно во младите и иновациите.

„Македонија се уште не нуди толку голема поддршка за младите. Полека почнува да се развива тоа мислење дека младите треба повеќе да бидат вклучени во општеството и повеќе да се ценат нивните идеи, па затоа сметаме дека во странство би имале поголема поддршка и поголеми можности за понатаму да работиме“, рече Ночески.

Секој од овие 4-ица млади таленти и во иднина сака да се занимава со иновации во разни области.  Им посакавме голема среќа на светскиот натпревар кој ги очекува. Но ова нека биде и апел до државата да направи се што е возможно во иднина ваквите млади луѓе да останат тука, а не по секоја цена да сакаат да заминат во странство.