ССМ ја реализираше втората етапа од блокадите

Сојузот на синдикати на Македонија денеска ја реализираше втората од најавените три блокади барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 6.000 денари. Пред Стопанската комора беше испратена порака до работодавачите да се согласат да ја зголемат минималната плата и сите останати плати и да ја задолжат Владата да ги субвенционира придонесите.
Од ССМ изјавија дека понудата е на маса и доколку не наидат на разбирање ќе организираат уште еден протест и генерален штрајк.
- Тука сме кај газдите, кај истите оние кои избркаа цели наши семејства во странство, кај газдите кои одбиваат да ја зголемат минималната плата и кои одбиваат да ги зголемат останатите плати. Владата веќе кажа дека се договарала со своите вработени, па ги остави газдите да бидат виновни за идниот генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор, рече претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Трендафилов повтори дека и денеска, како и во понеделникот пред македонското Собрание, одлучиле да бидат по 21 човек, а не повеќе.
- Намерата со по 21 човек на улица е само почитување на законот за јавните собири. Да немаше ограничување од најмалку 20 луѓе на улица, денеска ќе стоев тука сам, за да не снимаат, за да не сликаат ниту еден работник. Сите притисоци кои се обидуваат да ги направат нема да нѐ откажат, рече Трендафилов.
Присутните побараа од работодавачите да се откажат од дел од сопствениот профит за да им овозможат на работниците достоинствен живот со зголемување на платите.
- Доколку не се одважат и газдите дел од колачот да го дадат на вработените, коишто им го овозможиле во минатото тој профит, ќе бидеме приморани секојдневно да бидеме на улица со нив, со блокади, со шатори, и секој еден ден да ги потсетуваме дека повеќе за тие плати нема да работиме. Условите за работа, платите во приватниот сектор, се повеќе од мизерни, повеќе наликуваат на социјална помош отколку на плата достоинствена за живот. Секое седнување на маса со претставниците од приватниот сектор, кои се претставуваат како големи газди и работодавачи, не е социјален дијалог кој доведува до унапредување на работничките права и плати, туку, напротив, пробуваат да го скратат сето она што синдикатот го обезбедил во минатото како единствен репрезентативен синдикат при Сојузот на синдикати на Македонија во приватниот сектор, рече Иван Пешевски.
Третата фаза од блокадите е Владата, која ќе биде блокирана во вторник кога Владата одржува седница. Доколку ваквите активности на синдикатот не резултираат со позитивен исход, најавен е уште еден протест кој ќе биде организиран во неработен ден за да му се даде можност на секој работник кој сака да присуствува, како и организирање генерален штрајк.
Барањата за зголемување на платите ССМ ги темели на зголемувањето на животните трошоци и зголемувањето на минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство кои во јануари, според пресметките на ССМ, се зголемени за речиси илјада денари.
МИА
Ново на Сител
-

Разузнавачки агенции: Кина гради мрежи од компромитирани уреди за кибер-активности
-

Мицкоски: Ќе има дополнителни мерки за нафтената криза, се бориме напорно и во исто време се бориме со хаосот кој го наследивме
-

Мицкоски: Фетаи ќе се врати во Брисел, реконструкцијата ќе биде на крајот на мај или јуни, можни се ротации на ресорите
-

ЕУ официјално го одобри заемот за Украина и воведе нови санкции против Русија
-

Српската полиција уапси македонски државјанин осомничен дека сторил кривично дело измама
-

Утре без струја општините Студеничани, Петровец, Карпош и Гази Баба
-

Ангелов: Во Битола, на Тумбе Кафе пронајдени 1.067 неексплодирани убојни средства од Првата Светска војна
-

Посебен режим на сообраќај во Скопје во недела поради меморијална трка
