Бизнис
28. February 2020 - 18:05

Стразбур пресуди во корист на исклучените од парно системот

Исклучените од системот за парно греење, кои со години плаќаа паушал, да ја тужат државата и да си бараат оштета бидејќи незаконски биле принудени да плаќаат за услуга што всушност не ја добивале. Ваква порака упатија од Здружението за заштита на граѓанските права “Но пасаран”, охрабрени по вчерашната одлука на Судот за човекови права во Стразбур. Оттаму пресудија во корис т на станарите кои се исклучиле од системот, а сепак плаќале фиксен надоместок за парно греење.

“За жал, правдата не ја најдовме во нашите судови. Бевме приморани да ја бараме таа правда надвор од државата, односно во Стразбур. Дел од овие граѓани треба од буџетот на Република Македонија да бидат обештетени во износ и до 3.000 евра. Јас ги охрабрувам сите граѓани да ни се придружат, ќе ги информираме и ќе им помогнеме максимално да си дојдат до своите пари, своето достоинство и својот мир. Еве, најавуваме дека од наредниот петок, секој петок од 11 часот нема да се собираме повеќе во Регулаторна, ќе се собираме пред Основен граѓански суд 2 и пред Апелација. Таму нека дојдат сите загрозени лица и ќе им помогнеме во тие процеси”, вели Марјан Ненов од “Но пасаран”.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека работеле во корист на сите страни, ја поништиле обврската за плаќање паушал, но ги заштитиле од поскапување на цените и корисниците кои продолжиле да се греат на парно.

“Со цел да го задржиме овој концепт на функционирање на централно греење, кој што очигледно е најефикасен и најефтин, ние дадовме иницијатива и до Владата за намалување на ДДВ-то за топлинска енергија од 18% на 5%, со цел да не бидат обесправени и оние потрошувачи, кои останале приклучени на системот. Така да, сè што можеше да направи Регулаторната комисија за енергетика, направи”, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Инаку, од Регулаторна ги повикаа општините и државните претпријатија да ја испочитуваат законската обврска и да излезат на слободниот пазар на струја најдоцна до крајот на март. Такви се околу 540 корисници, кои јавните набавки на струја ќе може да ги прават и преку веб страната на Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа што ќе излезат на слободниот пазар, нивните трошоци за струја ќе се намалат за речиси 30%. Доколку не излезат на слободниот пазар, не е исклучена можноста да се прекине испораката на струја до нив.