Македонија
19. December 2019 - 13:11

Судењето за уривањето на Космос продолжува утре

Судењето за уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски „ТНТ” продолжува утре за адвокатите именувани по службена должност да се запознаат со предметот.

Постапката продолжува утре со испит на обвинети на предлог на одбраната.

Адвокатите, кои денеска попладне беа именувани по службена должност на четворица од обвинетите во предметот ТНТ, побараа одложување на денешното рочиште со цел да се запознаат со предметот.

– Не е коректно да застапувам во предмет што не го знам воопшто и би сакала да се одложи денешното рочиште и да ми се дозволи увид во списите од предметот, изјави еден од адвокатите.

– Ако обвинетиот го извести судот дека има избрано нов бранител, судот ќе го отповика адвокатот назначен по службена должност, изјави поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, кој е еден од обвинетите за случајот.

Судијата Огнен Ставрев на тоа реагираше дека извесен Страшевски сигурно постои, но дека денеска не е присутен.

– Верувам дека сте дале овластување на некој адвокат Страшевски, што денеска не е просутен. Каде е тоа полномошно, вие денеска само усно кажавте дека сте го назначиле за бранител, изјави Ставрев.

Претходно судот ги казни со по две илјади евра адвокатите Боро Тасевски, Мерџан Даути и Дончо Наков за грубо навредување на Судот и одолговлекување на постапката.

Адвокатите Даути и Наков не беа присутни на денешното рочиште, поради обврски на други судења, а адвокатот Тасевски, поради откажано полномошно.

Неприсуството на адвокатите, Судот го оцени како грубо навредување и одолговлекување на постапката и рече дека обвинетите ќе добијат бранители по службена должност и даде половина час пауза за процесно да се завршат работите.

Случајот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

Меѓу повеќето обвинети е и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.