Македонија
30. May 2023 - 14:40

Судскиот совет ќе распише нов оглас за судии за пополнување испразнети места во судовите низ државава

Судскиот совет денеска на седница донесе одлука да се распише нов оглас за судии во основни судови низ државава кој ќе биде наменет за кандидатите што завршиле Академијата за судии и јавни обвинители, бидејќи на претходниот оглас од март годинава во повеќе градови судиските места останале непополнети, а за некои воопшто немало интерес.

Огласот ќе биде подготвен да се објави во најбрз рок поради недостигот од судии и со него ќе се бараат кандидати од редот на младите академци за да ги пополнат испразнетите места во основните судови. 

Според огласот, по три судиски места ќе се бараат за Струга, Кичево, Прилеп и Струмица, по двајца судии во судовите во Охрид и Делчево, и по еден во Крушево, Берово, Куманово и Битола. На огласот ќе може да се пријават и кандидати за седум судиски места во Основниот кривичен суд и за осум во Основниот граѓански суд во Скопје.  

Причина за нов оглас, што беше иницијатива на членот на Судскиот совет Миљазим Мустафа, е тоа што на претходниот оглас, од 29 март 2023, се пријавиле само 11 кандидати за Битола, Струмица, Тетово и Свети Николе, а за основните судови во поголем број градови никој не конкурирал. 

Според Мустафа, судиските места за овие општини се избрани затоа што, рече, со месеци знаат во кои судови има недостиг и каде е повеќе од потребно да се пополнат слободните места. Проблем со недостиг, рече, има и во Граѓанскиот, како и во Кривичниот суд каде има потреба од над 20 судии.

-Некои судови работат со еден до двајца судии, а во наредните години може да останат и без судии поради пензионирање. Овие млади судии ќе имаат можност да ги пополнат испразнетите места, посочи Мустафа. 

Судскиот совет на седницата донесе одлука за утврдување ориентациски број на предмети што судиите треба да ги решаваат месечно. Изгласана беше одлука нормата за решавање предмети во 2023 да остане иста како и во 2022 за судиите во Врховен суд, Виш управен суд, четирите апелациски подрачја (Скопје, Битола, Штип и Гостивар), основните судови и судовите со проширена надлежност, но да се намали за четири предмети месечно нормата за Управниот суд освен за предметите по прекршоци од царина и од даноци кои ќе бидат во рамки на истата норма како и лани. 

Судскиот совет денеска избра седум судии поротници за Основен кривичен суд Скопје кои ги исполниле условите од огласот на Судот: Христијан Талевски, Анета Ангеловска, Лилјана Ѓошевска, Ирена Тасевска, Ангела Андоновска, Ема Пауновска и Јани Курте. 

Членовите на Советот констатираа и престанок на судиска дејност на Гордана Ѓорчева од Апелацискиот суд поради исполнет услов за старосна пензија, како и престанок на дејноста судија поротник на Суза Трајковска од Основниот суд во Кочани бидејќи навршила 60 години што е максимална возраст за поротник.