Балкан
2. February 2023 - 19:53

Тензична седница во српското собрание за Косово

Тензична атмосфера на седницата посветена на Косово во српскиот парламент. Опозицијата со извици и транспаренти тргна кон престедателот Вучиќ, со обвинувања дека сака да го предаде Косово.  

Пратениците на крајната десница побараа да им биде доставен француско-германскиот предлог и јавно да се гласа за да се види кој сака да ја признае косовската независност. Се побара и оставка од Вучиќ. Во еден момент седницата беше прекината. 

Вучиќ сепак реферираше пред Собранието за Косово. Како најпроблематична точка во планот што го понудија Шолц и Макрон, Вучиќ ја посочи одредбата со која Србија се обврзува да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации.  

Вучиќ порача дека земјата се наоѓа во деликатна и тешка позиција во која треба да му помогне на својот народ на Косово, но во исто и да ги избегне санкциите за да не ги загрози виталните национални интереси. 

Истакна дека Приштина е во политичка офанзива и ја користи ситуацијата со војната во Украина за да поентира кај западните сојузници.  

Вучиќ го презентираше и планот од 10 точки во кои се посочени кои се чекорите кои во наредниот период треба да ги преземе Србија. Меѓу нив и заложбата да продолжат преговорите со Приштина, да не се дозволи мешање на Вашингтон, Москва и Брисел во внатрешните работи, но и да се остане на европскиот пат.