Македонија
30. October 2019 - 11:46

Тимот на ФЕИТ екипен победник на натпреварот по LabVIEW

Екипа на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) од Скопје е екипен победник на меѓународниот натпревар по LabVIEW, што се одржа во Белград.

Победничкиот тим на ФЕИТ го сочинуваа студентите Петар Видоевски, Андреј Грунески и менторите Живко Коколански и Бодан Велковски.

Покрај ова, студентот Петар Видоевски го освои и второ место во поединечното натпреварување.

На Деветтиот балкански натпревар по виртуелна инструментација во LabVIEW, што се одржа на 27 октомври 2019 година, учествуваа 22 студенти од LabVIEW академиите на десет универзитети од повеќе држави. Домаќин на овогодишниот натпревар беше Електротехничкиот факултет од Белград.

– Секоја година учествуваме на меѓународниот натпревар по LabVIEW со тим студенти од ФЕИТ. Ова не е наш прв успех, напротив, она што ме прави посебно задоволен се континуираните резултати кои ги постигнуваме. Во последните пет години, ова е прво место по трет пат во екипна конкуренција и повеќе високи индивидуални пласмани, изјави професорот Живко Коколански.

Тој нагласи дека студентската екипа на ФЕИТ го искористила здобиеното знаење од LabVIEW академијата за изработка на софтверска симулација за енергетска ефикасност, со која го освоила првото место и на интернационалниот инженерски натпревар ИЦАМЕС 2018 во Истанбул.

– Како професори од ФЕИТ имаме привилегија да работиме со одлични студенти кои докажуваат дека можат да се носат со најдобрите, потенцира Коколански.

Освојувачот на второто место во поединечна конкуренција Петар Видоевски вели дека подготовката за натпреварот драстично го зголемило неговото знаење за LabVIEW.

– Покрај учеството во поединечниот натпревар се одржуваше хакатон преку кој се запознавме со останатите колеги и разменувавме знаење. Се претставив со студентски труд насловен „LabVIEW based chess clock”, кој беше прикажан преку постер. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на моите ментори за нивниот придонес кон мојот успех, изјави Видоевски.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, смета дека освоените места се само потврда за квалитетот на Академијата LabVIEW на Факултетот.

ФЕИТ првпат ја имплементираше програмата „Работна маса за инженерство со виртуелен инструменти (LabVIEW) академија” во 2014 година и со тоа стана првата научно-образовна институција во земјава која е лиценцирана за обука на студенти за работа со развојната програмска платформа LabVIEW.