Трамп ги иззема телефоните и компјутерите од високите царини за Кина

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги иззема паметните телефони, компјутерите и другите електронски уреди од новиот пакет царини, вклучително и царината од 145 отсто на увозот од Кина.
Според објавата на американската Царинска и гранична служба, изземањето ќе важи и за стоката што влегла во земјата или излегла од складиштата по 5 април. Од администрацијата на Трамп порачуваат дека електрониката нема да се оданочува ниту според глобалната царинска стапка од 10 проценти, ниту според повисоката стапка што важи исклучиво за кинеските производи.
Одлуката доаѓа по бројните предупредувања од американските технолошки компании дека новите царински правила би можеле драстично да ги зголемат цените на уредите, со оглед на тоа што повеќето од нив се произведуваат во Кина. Изземени се и голем број други електронски компоненти, вклучително полупроводници, мемориски картички и соларни ќелии, со што администрацијата на Трамп се обидува да ја заштити домашната индустрија од негативни последици.
САД се главниот пазар за Ајфон, а според податоците на Counterpoint Research, Епл минатата година држеше над половина од американскиот пазар на паметни телефони. Околу 80 отсто од ајфоните наменети за САД се произведуваат во Кина, а останатите 20 проценти во Индија.
Поради зголемената царинска неизвесност, Епл и други производители, како Самсунг, веќе со години се обидуваат да ги диверзифицираат производните синџири, преместувајќи дел од капацитетите во Индија и Виетнам. По стапувањето во сила на новите царини, Епл, според американските медиуми, ја забрза испораката на уреди произведени во Индија за да го надомести потенцијалниот недостиг.
Трамп на почетокот на неделата најави високи царини за стоки од речиси сите земји, но во средата ненадејно ја промени одлуката. Тој објави дека за земјите што не возвратиле со царини на американската стока ќе важи пауза од 90 дена, во текот на која ќе се применува единствена царина од 10% наместо повисоки стапки. Кина е изземена од оваа мерка бидејќи одговори со контрамерки, воведувајќи царина од 84 отсто на американските производи.
Како одговор на американските царини од 145 отсто, Кина дополнително ги зголеми своите царини на американската стока од 84% на 125%.
Белата куќа порачува дека станува збор за преговарачки механизам чија цел е постигнување подобри трговски услови за САД. Трамп тврди дека неговите царински политики ги поправаат неправдите во глобалниот трговски систем и помагаат за враќање на фабриките и работните места во САД.
Ново на Сител
-

Тошковски: Толеранцијата на „Безбеден град“ ќе биде идентична со полициските радари
-

Нови зборови за новото време: Мисија на „Зборци“ | Виктор Бучковски | Sitel Podcast 132
-

Магла на планинските премини Стража, Плетвар и Крушево, сообраќајот се одвива по влажни коловози
-

Кривична пријава против пет лица од Тетово за трговија со дете и полов напад
-

Кривична пријава против пет лица од Тетово за трговија со дете и полов напад
-

Мухамет Хоџа нов министер за животна средина, Беким Сали министер за евроинтеграции
-

Со сослушување два сведоци продолжи судењето против Нино Васев
-

Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова до верниците кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар
