Македонија
11. September 2015 - 14:31

Три награди за Женскиот младински хор при МКЦ на натпревар во Романија

Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар под диригентската палка на Сашо Татарчевски освои три награди на 5. Меѓународен хорски натпревар „Ливиу Борлан“ кој од 3 до 6 септември се одржа во Баиа Маре, Романија.

Во конкуренција на хорови од повеќе европски држави, женскиот младински хор при МКЦ освои златна диплома од стручното жири, како и две специјални награди од фондацијата „Stephen's tower“ и од романските мас-медиуми.

Хорот изведе дела од романскиот композитор Ливиу Борлан, Џовани Анимуча, Рамиро Реал, како и дело од македонскиот композитор Тодор Скаловски.

- Оваа меѓународна активност која беше поддржана во Годишната програма на Министерството за култура претставува огромен успех во меѓународната афирмација на македонската хорска уметност, особено ако се земе во предвид дека Женскиот младински хор при МКЦ е еден од ансамблите со најдолга традиција во Република Македонија. Овој женски хорски состав во својата четиридецениска историја освоил бројни награди на фестивалите ширум светот, меѓу кои се и златните медали на натпреварите во Чешка и Хрватска, како и високите признанија во Полска, се наведува во соопштението од Министерството за култура.

Со поддршка од Министерството и Град Скопје, утре и задутре Мандолинскиот оркестар при МКЦ, под диригенство на Ванчо Јовчев, ќе учествува на Меѓународниот фестивал за хорови и оркестри „Виена мјузик фестивал” што ќе се одржува во Виена. Инструменталистите од овој оркестар, кој е промотор на македонското музичко творештво, првиот концерт ќе го одржат во познатата готска катедрала „Вотив“ каде што, придружувани од младата виолинистка Ева Богоевска ќе настапат со композиција од Џон Вилијамс и адаптација на Борјан Цанев. Вториот концерт, Мандолинскиот оркестар при МКЦ ќе го одржи во концертната сала „Ехрбар“ каде што повторно заедно со Ева Богоевска ќе изведат музичка програма со дела од Бах, Шуберт, Шостакович, а пред публиката ќе биде претставено и македонското творештво преку делото „Македонско Капричо“ на композиторот Драган Шуплевски. На фестивалот, кој има ревијален карактер, годинава учествуваат ансамбли и хорови од Италија, Норвешка, Финска, Полска, Чешка, САД и Словенија. 

Мандолинскиот оркестар при МКЦ, кој е формиран во 1981 година, досега има настапувано на музички фестивали од ревијален карактер во Полска, Португалија, Белгија, Шкотска, Чешка, Бугарија, Грција, Србија, Хрватска, Германија и Данска, достојно претставувајќи ги македонските музички и културни потенцијали.