Бизнис
26. May 2020 - 16:38

Угостителите со музика бараат да се слушне нивниот глас

Со гласна музика од пладне до 18 часот во знак на револт угостителите бараат поскоро отворање на објектите.

Целта на ваквот потег на угостителите е да им покажат на надлежните дека тие постојат и оти треба да работат според протокол по кој може сите да се придржуваат.

По карантинскиот викенд се надеваат дека веќе следниот ќе примаат гости.

Доза на неверување и нервоза се уште има кај сопствениците на угостителските објекти. Нивното трпение е на раб, особено што веќе во државава еден по еден објект почна да се отвора, но не и рестораните, се вели во дописот од угостителите.

Техничкиот премиер Спасовски, пак, уверува дека во изминатиот период државата најмногу внимавала токму на угостителите.

Дали ќе пуштаат музика или не, знаеме дека постојат затоа што тие се тие кои добија и минимални плати, исплатени придонеси и тоа покажува дека државата најмногу внимавала на угостителите, рече Спасовски.

Иако дел од нив веќе ги подготвија  објектите, подолг период предупредуваа дека протокот по кој треба да работата а со кој се предвидува да има една маса на речиси 10 квадратни метри е економски неисплатлив. Со мерките, на дел од угостителите трошоците за да  можат да отворат ќе им бидат поголеми од заработката, затоа што им е дозволено да работат само со 30 отсто од капацитетите. Поради тоа предупредија дека некои од објектите и натаму ќе останат со клуч на врата.  Им порачуваат  на надлежните уште еднаш добро да го разгледаат протоколот. Сметаат дека треба да се воведе начин на работа по кој сите угостители ќе може да се придржуваат.

Угостителите се едни од најпогодените од кризата со пандемијата. Тие беа први кои добија забрана за работа, а ќе бидат последни кои ќе отворат.