Македонија
30. May 2020 - 19:32

Уште 14 дена вонредна состојба, Пендаровски повикува на договор за избори

Нова вонредна состојба од 14 дена прогласи шефот на државата Пендаровски по денешната седница на Советот за безбедност. Вонредната состојба почнува утре и ќе трае заклучно до 14 јуни. Пендаровски одлуката ја донел врз основа на владиното барање и големиот број на заразени со корона вирусот во последните неколку дена.

Шефот на државата апелираше граѓаните да се однесуваат совесно и одговорно со препораките за дистанца и заштитна опрема. Пендаровски порача владата и покрај влошената здравствена состојба да не враќа рестриктивни мерки на целата територија и за сите граѓани, туку доколку има потреба, тоа да биде само за одредени општини.

И покај тоа што рече дека одлуката за вонредна состојба нема врска со датумот за избори, сепак Пендаровски испрати порака до политичките лидери.

Тој потврди дека неформалната комуникација меѓу лидерите се одвивала во негово посредство, но и дека затаила последните два дена.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ услови за скорешни избори нема. Лидерот на партијата Мицкоски ги обвини СДСМ и Заев дека брзајќи да го ублажи изборниот пораз се коцкаат со здравјето на граѓаните. Мицкоски изрази сомнеж дека и Комсијата за заразни болести носи политички, а не здравствени одлуки.

Од владејачката СДСМ пак, велат дека Мицкоски се однесува незрело и бега од избори. Стојат на ставот избори во првиот можен термин.

На ниту еден граѓанин не смее да му биде загрозено правото на избор и правото на демократски глас, заради неразумни идеи за избори да се организираат среде лето, кога најголем дел од граѓаните одат на одмор. Избори на есен се опасна идеја по здравството и економијата. Државата не смее да продолжи да функционира со техничка влада и без Парламент, реагираат од СДСМ.

Од ДУИ стојат на ставот дека најоптимален датум за избори е 5 јули.

Доколку нема политички договор во наредните 14 дена, собранискиот спикер Талат Џафери и техничкиот премиер Спасовски велат одговорноста за организирање на избори ќе ја преземат институциите.

Ако се следи траењето на вонредната состојба и толкувањето на власта за уредбата за избори, најрано изборите без договор од политичките лидери би можело да се организираат на 5 јули.

Новата вонредна состојба е четврта по ред од кога е прогласена пандемијата со КОВИД-19. До денеска државата е во вонредна состојба 75 дена.