Македонија
26. March 2025 - 16:37

Уште пет пациенти денеска се враќаат во Македонија

Четворица пациенти од Шпанија и еден од Грција кои беа испратени на лекување поради повредите од пожарот во клубот во Кочани во подобрена состојба денеска се враќаат во Македонија. Министерот за здравство информираше дека во странските центри ќе останат уште 108 од повредените, но има најави дека наредните денови дома ќе си дојдат и пациенти од Белгија, Австрија, Хрватска и Србија. Речиси сите од нив се здобиле со изгореници во трагедијата.

- Пациентите кои денеска се враќаат ќе бидат минимум под 24-часовен надзор според протоколот. Доколку конзилиумот од доктори одлучи дека треба да се пуштаат дома, ќе бидат пуштени на домашно лекување или ќе останат на лекување на некоја од клиниките, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.

И денеска министерот за здравство информираше дека четворица пациенти кои се во странство се во критична состојба.

- Кај четворицата пациенти во критична состојба кои се на лекување во странство, состојбата засега и натаму е многу тешка, но стабилна, рече Таравари.

Министерот Муцунски уште еднаш посочи дека сите трошоци за лекувањето и враќањето на повредените и членовите на нивните семејства кои се покрај нив ќе ги покрие државата.

- Хумано е да се собираат донации и го подржуваме тоа, но уште еднаш ќе повторам дека сите трошоци за лекувањето и враќањето на повредените и нивните семејства ќе ги покрие државата, изјави Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.

Во Македонските болници на Клинички, во стара градска, во ГОБ 8 септември и во Аџибадем Систина на болничко лекување остануваат уште 23 пациенти. Поголемиот дел од нив се оперирани поради изгорениците и се во стабилна состојба, информираа здравствените власти.