Уставен со пренос и без пренос на седници
Линеарното покачување на пензиите останува во сила. Уставниот суд иако предметот го отвори по сопствена иницијатива не успеа да направи мнозинство за одлучување, па поради тоа иницијативата се отфрла. Пензионерите во септември добија илјадарка плус на своите сметки, а истото треба да го добијат и во март. Со оваа одлука на Уставниот суд ставена е точка на неизвесноста – пензионерите ќе добиваат пензии повисоки за 1.000 денари.
„Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност за оспорениот закон и Судот денеска ја запре постапката“, велат од Уставен.
Иницијативата на Уставниот суд беше причина за препукување меѓу Судот и премиерот Мицкоски кој лани на седница на пратенички прашања обвини дека пензионерите се обесправени, дека одлуката е донесена и дека пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите.
Уставниот суд тогаш експресно одговори дека одлука се уште нема, па дури потоа по сопствена иницијатива оформи предмет за да утврди дали линеарното покачување е согласно Уставот.
Линеарното покачување на пензиите почна со смената на власта, како дел од предизборните ветувања. Откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Владата, пензионерите во три наврати добија линеарно покачување од 6.000 денари, а со мартовското ќе се заокружи на 7.000 денари.
Опозицијата обвинуваше дека линеарното зголемување на пензиите е историска измама бидејќи на тој начин владата на 92% од пензионерите им дала помало зголемување отколку што тие би добиле доколку се следеше законската формула за раст на пензиите.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
