Македонија
11. May 2021 - 16:40

Утре нема полициски час, од четврток ќе трае само 4 часа

Утревечер нема да има полициски час за Рамазан Бајрам исто како што немаше ограничување на движењето вечерта пред Велигден. Од четврток 13 мај само 4 часа ќе има заабрана за движење. Полицискиот час ќе почнува на полноќ и ќе трае до 4 наутро, наместо до 5 како што беше вчерашниот предлог на Главниот кризен штаб. Ова е единствената измена за олеснување на рестриктивните мерки поради Ковид-19 усвоени на денешната Владина седница на барање на земјоделците, информираат од Министерството за здравство.

Од среда угостителските објекти ќе работат до 23.30 само во отворениот дел, а се отвораат и теретаните и фитнес центрите. Се дозволува организирање на состаноци и едукативни настани во затворени простории, но со исполнетост до 30 проценти од капацитетот.

И понатаму има забрана за свадби и концерти, а задолжително е и носење маски на отворено.

Дали ќе има дополнително олабавување на мерките ќе се одлучува на 18 мај до кога се на сила и последните измени.

И неделниот извештај на ИЈЗ покажува намалување за 37 проценти и на бројот на новозаразени и на починати од компликации од Ковид.

Значително е намален и притисокот врз болниците. На болничко лекување има 700 –тини пациенти, 1000 помалку од почетокот на април.