Loading Video...
Фудбал
21. May 2020 - 14:31

Утре нова средба на клубовите и ФФМ околу исходот на прекинатата сезона во ПМФЛ

Утре во Фудбалската федерација на Македонија, ќе биде одржана нова средба на претставниците на федерацијата и клубовите членови на Првата лига, на која се очекува можна одлука за евентуално продолжување на прекинатото првенство. 
 
Како што информираат од ФФМ, федерација ги подготвила, а денеска пред претставници на координативниот кризен штаб ги презентираше сите услови од здравствениот протокол за враќање на фудбалските екипи на тренинзите и натпреварите со целосна одговорност, враќањето на фудбалските терени да биде максимално сигурно за сите учесници.
 
Имено, координативниот кризен штаб за здравствена заштита, пред неколку дена побара од ФФМ да подготви здравствен протокол, а федерацијата веќе го достави бараниот протокол до надлежните институции и до клубовите, па истиот утре (22. мај) од 12:30 часот ќе биде детално презентиран и од страна на епидемиологот д-р Жарко Караџоски од Институтот за јавно здравје.
 
Токму тоа ќе биде една од главните теми на утрешниот состанок во „Куќа на фудбалот“ со претставници на клубовите од Прва МФЛ во насока да се врати фудбалот на терените.
 
ФФМ заедно со клубовите треба да донесе конечен став околу прекинатата натпреварувачка сезона 2019/2020 во прволигашката конкуренција, а еден од главните услови  е да се подготват и насочат клубовите за враќање во вообичаениот тренинг и ритам за натпревари со прецизно утврдени мерки за заштита на здравјето на фудбалерите и сите други фудбалски работници од Корона вирусот. 
 
Со ова би се запазил и терминот 25 мај за кога УЕФА очекува националните федерации да донесат одлука за нивните фудбалски првенства, по што во европската куќа на фудбалот ќе решава за крајот на прекинатата сезона, но и почетокот на наредната во двете европски клупски натпреварувања, Лигата на шампионите и Лига Европа.