Утре прва седница на Анкетната за Онкологија- Ќе бидат повикани сите поранешни министри и директори
Рашела Мизрахи ќе ги седне во собраниска сала сите сегашни и поранешни министри за здравство и директори на Онкологија од 2020 година досега. Како претседател на Анкетната Комисија за скандалот со биолошката терапија за онколошки пациенти, најави дека не само што ќе бараат политичка одговорност туку целта е вистината да излезе на виделина, каква и таа да е.
Првата седница е закажана за утре по што ќе се знае кои функционери први ќе се најдат пред пратениците.
- По прашање на одговорноста, политичката одговорност, членот 76 од Уставот дефинира дека политичката одговорност, доколку биде утврдена како таква, може понатаму да биде преточена во кривична и граѓанска одговорност, вели Рашела Мизрахи претседател на Анкетна Комисија за скандалот на Онкологија.
Мизрахи вели дека во оваа држава најевтин е животот, а со скандалот на Онкологија поради гревови на поединци или групи покрај суровото гори и сувото. Анкетната Комсиија има надлежности за утврдување на хронологија на настаните на клиниката, но и најважно, дали се загрозени основните човекови права на пациентите.
- Комисијата исто така има надлежност за изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во таа клиника и целокупниот здравствен систем, вели Мизрахи.
И додека во Собранието ќе бараат политичка одговорност, обвинителството утврдува дали има кривично дело со препродажба на лекови на сметка на тешко болните, од Онкологија алармираат дека ако не добијат пари ќе има повторно недостиг на терапија. Нивното тврдење е дека реалната потреба на пациентите е многу поголема од предвидените средства.
Од Фондот, пак, добивме одговор дека пред две недели на оваа клиника го зголемиле условниот надоместок за 120 милиони денари, а во средината на 2022 годсина клиниката добила дополнителни 200 милиони денари за биолошка терапија.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
