Ракомет
15. јуни 2020 - 14:51

Вардарци ги имаат најубавите дресови во Лигата на шампионите

Дресовите на ракометниот колектив на Вардар добија најмногу гласови во изборот на фановите кои гласаа на анкетата на Европската ракометна федерација. 
 
Вардарци повторно собраа најмногу гласови од „фановите“ кога во прашање се анкетите кои ги спроведува ЕХФ. 
 
Откако црвено-црните условно речено беа победници во изборот за најубавото финале во Лигата на шампионите, а „фановите“ најмногу гласови дадоа за минатогодишното во кое Вардар стигна до вториот шампионски трофеј, сега актуелниот европски првак победи и во изборот за најубав дрес во елитното натпреварување. 
 
Имено, дресот на машкиот колектив на РК Вардар доби најмногу гласови во изборот на гласачите, дури 84%, а притоа во последната рунда на гласање, односно финалето за „противник“ го имаше дресот на женскиот колектив од своето семејство, односно истиот оној со кој вардарки во сезоната 2017/2018 и стигнаа до фајнал-форот. 
 
Во конкуренција беа и гигантите Барселона, Веспрем, Нант на Кирил Лазаров и неколку други тимови, но сепак црвено-црните ги минаа сите филтри и заслужено добија ново признание.