Македонија
8. August 2020 - 16:53

Викенд партиски преговори, никој не открива детали, сите работат на формирање Влада

Се водат преговори за нова влада ама не се открива за нивниот напредок. Речиси секојдневно политичките партии информираат за меѓусебни средби за кои единствено велат дека се дел од процесот за формирање парламентарно мнозинство.

По синоќешната средба Николовски – Груби, двете партии преку заедничко соопштение информираа дека се разговарало за Влада со полн мандат и за стабилно мнозинство но и дека постигнале согласност за почитување на Охридскиот и договорите со Грција и Бугарија.

Подоцна од СДСМ негираа дека на средбата бил постигнат договор за коалиција со ДУИ, а денеска од Бихаќка само го повторија соопштението во кое пишуваат дека се водат преговори без да прецизираат детали.

Од ДУИ не ја коментираа средбата Груби - Николовски ама и не откриваат дали викендов партијата ќе води преговори. Бујар Османи за сител кратко одговори дека ќе информираат навремено доколку има било каква средба од интерес на јавноста.

Во меѓувреме, преку социјалните мрежи, партиски функционери од ДУИ пишуваат дека се подготвува договор за прв премиер Албанец.

И од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се во комуникација со партиите за состав на Влада без да откриваат детали - објаснуваат дека тоа било во интерес на процесот.

Официјалните преговори, партиите ги почнаа по одржување на конститутивната седница. Единствено коалицијата на Села и Гаши најави дека во овој период ќе чека првин ДУИ да ја искористи шансата а доколку не успее, дури тогаш Алијанса и Алтернатива ќе се вклучат во преговори за формирање мнозинство.