Македонија
29. March 2023 - 8:07

Вклучувањето на други делови од народи кои живеат во Северна Македонија приоритeт на уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи велат дека приоритет во однос на Уставот е исполнување на обврската од преговарачката рамка усвоена од 27 земји-членки на Европската унија во делот на уставните амандмани за вклучување на други делови од народи кои живеат во Република Северна Македонија, како и дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот. 

Ова прашање се отвори во јавноста откако министерот за правда Кренар Лога, во понеделникот на првиот брифинг со новинарите рече дека приоритет е Преамбулата во делот на вметнување на помалите заедници во државата, но дека се размислува и за други измени на Уставот во делот каде министерот за правда по функција е член на Судски совет, регулирање на вакумот со распуштање на Собранието, како и во делот со 20 проценти за јазикот. 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска ќе ја посети компанијата „Метро“ лоцирана во индустриската зона Ќојлија.

-Приоритет се уставните измени со цел продолжување на европскиот пат на државата за што се определиле граѓаните. Ќе биде формирана комисија која ќе биде на високо стручно ниво и која ќе вклучува експерти, професори и практичари што ќе работат на овие уставни амандмани, кои ќе бидат ставени на јавна расправа. Во тој процес веројатно ќе се појават и идеи во однос на некои други делови од Уставот, каде треба да се направат унапредувања што повеќе се од процедурален карактер на функционирањето на одреден број на институции, рече премиерот Ковачевски во изјава за медиумите.

Во комисијата се повикани да учествуваат и претставници на опозицијата, рече Ковачевски и додаде дека конечно опозицијата треба да учествува во барем еден процес во државата што е стратешки и од клучно значење.

Изрази уверување дека и во „ВМРО-ДПМНЕ има политичари кои имаат европска визија, храброст и одлучност да го поддржат европскиот пат на државата и да не ја повторат грешката од порано заради која државава 11 години чекаше влез во НАТО, токму заради неносење на важни одлуки“. 

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека нема никаков договор ниту е разговарано за каква било друга интервенција во Уставот, освен за впишување на Бугарите, Црногорците, Хрватите и другите етнички заедници кои тоа го бараат.

-Фокусот мора биде ставен на уставните измени кои произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, вели Маричиќ.

Некои прашања, додаде тој, може да се решат и со идни процеси на уставни промени.

-Не е првпат да слушнеме предлози, барања или пакет измени кои би биле предложени во случај на отворање на Уставот. За секоја тема која има значење за граѓаните може да се отвори општествена дебата, но, фокусот мора да е ставен на обврската која сме ја презеле во Францускиот предлог, кој е преточен во нашата преговарачка рамка и сите треба да сме насочени кон тоа, нагласува Маричиќ. 

Прес-конференција на министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, истакна дека сега е потребно да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците.

-Процесот не треба да се оптовари со други политички прашања коишто веројатно ќе го поларизираат општеството уште повеќе, изјави шефот на дипломатијата Османи.

Тој во одговор на новинарско прашање во однос на промена на Уставот, го пренесе како што рече личниот став и посочи дека во моментот не е запознаен со изјавата и намерата на министерот за правда при отворањето на Уставот да бидат регулирани и други прашања коишто политичките партии бараат да се регулираат.

-Личен став, иако не ја знам намерата, е дека сега треба да се концентрираме на уставните измени поврзани со продолжување на преговорите со ЕУ, затоа што тие се целосно технички, немаат политички последици, не носат никаква закана за државата, за заедниците. Тоа што го кажувам постојано е едноставно потврдување на тоа што имплицитно е веќе во Уставот. Значи во категоријата „други“, во Преамбулата и во останатите членови каде што се спомнуваат заедниците, се подразбираат сите тие коишто се набројани во пописот, посочи Османи на прес - конференцијата по неформалниот министерски состанок на А5 иницијативата со која претседава Северна Македонија.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, во рамките на кампањата „ЕУ со тебе“ денеска ќе ја посети општина Гостивар.

Евроамбасадорот Дејвид Гир вчера повтори дека прашањето на уставните измени е суверено право на Северна Македонија и таа треба да одлучи.

-Во однос на Уставот, важно е да видиме какви се точно предлозите и откако ќе бидат подготвени во нацрт верзија, да следи дебата за тие предлози. Обврската е да се внесат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари во Уставот. Тоа е нешто што дополнително ќе ја консолидира земјата која веќе има добро досие во однос на меѓуетничките односи, рече Гир.

Тој посочи на примерот на Хрватска каде имаат повеќе од 20 заедници вклучени во Уставот и тоа, вели, не влијае на идентитетот на земјата ниту на нејзините главни интереси. Притоа подвлече дека е важно да се има предвид големата слика, односно постојниот моментум во однос на евроинтеграциите и да се зграпчи тој моментум и да се оди напред заедно со другите земји во тој процес.

-На земјата е да одлучи, се надеваме дека ќе напредувате. Никој друг не стои на патот, нема вето, нема блокади, следниот чекор е во рацете на земјава. Во однос на скирнинг процесот веќе кажав дека одлично напредувате, вели Гир.

На политичките лидери овде е да одлучат за прашањето за уставните промени, изјави Ами Ларсон Џеин амбасадорка на Шведска, која е актуелен претседавач со ЕУ.

Ами Ларсон Џеин, амбасадорка на Шведска, која е актуелен претседавач со ЕУ, вели дека на политичките лидери овде е да одлучат за прашањето за уставните промени.

-Ова е процес кој се одвина на неколку патеки, една од нив е скрининг процесот, каде гледаме многу добар прогрес. Тимот од Северна Македонија се покажа професионален, добро брифиран, и тоа е добра вест во вакви процеси. Потоа тука е прашањето за уставните промени, за коe сме свесни дека е многу спорно тука. Тоа е прашање за кое не одлучува ЕУ, туку е на политичките лидери овде да одлучат, рече Ларсон Џаин. 

Прашана за ставот на опозицијата која јасно порача дека нема да ги поддржи уставните измени, шведската амбасадорка повтори дека тоа се прашања на кои треба да одговорат политичките лидерства во земјава - на опозицијата и на Владата. 

-Она што можам да кажам е дека ЕУ беше јасна во декември на Самитот во Тирана, прв ЕУ - Западен Балкан кој се одржа во регионот, дека земјите од Западен Балкан припаѓаат на семејството на ЕУ.  Се радуваме да го поздравиме членството на Северна Македонија во ЕУ. Тоа е позицијата на ЕУ, вели шведската амбасадорка. 

Собранискиот спикер Талат Џафери вечерва во „КликПлус“ на ТВ21 говореше за процедурата за одново свикување на Собранието, откако СДСМ поднесоа иницијатива за тоа, но според него нема можност

Претседателот на Собраниетo Талат Џафери на брифинг со новинарите информира дека се уште нема конкретна иницијатива за уставните измени и додаде дека согласно Деловникот пленарната расправа за промена на Уставот е ограничена на три дена по амандман.

- Пресметка на време лесно се прави, од моментот кога ќе имате иницијатива. Од инцијативата произлегува опсегот кој што ќе биде опфатен, во кој правец. Ако нема консензус, напразно зборуваме. Колку и да има амандмани, пленарната и комисиската расправа се ограничени на по три дена за уставните измени. Мојата обврска почнува кога ќе добијам конкретен предлог, иницијатива, рече Џафери.

Тој истакна дека за да може уставните измени да се донесат во ноември, постапката треба да почне во јуни или јули.