Македонија
20. November 2024 - 16:36

Владата без дилема дала поддршка за кандидатурата на Шеќеринска, Мицкоски телефонски и честитал

Владата без никаква дилема ја поддржала кандидатурата на Шеќеринска за втор човек на НАТО. И покрај критиките од опозицијата изминативе два дена, премиерот Мицкоски вели дека и покрај тоа што се од различни партии со спротивни идеолошки определби, власта ќе соработува со Шеќеринска во интерес на државата. За ова вчера разговарале и телефонски. 

Како влада имавме предизвик  за одлуката кого и како да го поддржиме  за заменик генерален секретар на НАТО, бидејќи имаше кандидати од неколку земји. Ние немавме никаква дилема тука, бидејќи честопати повикуваме на единство и на дијалог со опозицијата, а ако тоа не го правиме на дело а повикуваме, тогаш тоа е лицемерие. Затоа ние како влада не само што ја поддржавме кандидатурата на Радмила Шекеринска, туку и активно разговаравме со нашите сојузници. За нас националното единство и интересите на земјата се пред партиските интереси и да се има Македонка за заменик генерален секретар во најмоќната и најдобро организираната алијанса во историјата е навистина чест,  рече Мицкоски.

Опозициската СДСМ пак утринава ги повикаа ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска да покажат минимум политичка пристојност и да и честитаат на Шеќеринска.

 Радмила Шекеринска не само што ја водеше нашата држава кон НАТО, туку и ја зацврсти безбедноста и стабилноста на Македонија. Нејзиниот избор е признание не само за неа, туку за секој Македонец кој верува дека можеме да бидеме дел од најголемите светски институции. Наместо честитка, од ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска добивме тишина. И таа тишина зборува гласно – за нивната љубомора, за нивниот страв од секој што е поголем од нивната ситна политика, велат од опозицијата.

Ова е голем успех не само за г-ѓа Шекеринска, туку и за Република Северна Македонија, која преку ова именување ја потврдува својата посветеност на евроатлантските вредности и стандарди, велат од ДУИ.

Откако првиот човек на НАТО вчера објави дека ја именувал Шеќеринска за своја заменичка, честитки пристигнаа од речиси сите сојузници, американската амбасадорка Агелер и од бугарскиот претседател Радев кој изрази надеж дека ќе придонесе за зајакнување на колективната безбедност.

Шеќеринска која е прва функционерка од Западен Балкан именувана на висока позиција во НАТО вчера преку социјалните мрежи порача дека ќе работи со сите сојузници за посилна и побезбедна Алијанса