Македонија
26. January 2022 - 21:17

Владата ги скрати деновите на изолација

Асимптоматските случаи на Ковид-19 од утре ќе бидат во изолација 7, наместо 10 дена. Оние кои развиле симптоми првично ќе добијат 7 дена изолација, но нивната изолација дополнително може и да се продолжи зависно од здравствената состојба на пациентот.

Владата вечерва ги потврди препораките на Комисијата за заразни болести од пред 10 дена за намалување на изолацијата поради корона вирусот, како што направија и други европски држави.

Согласно препораките на Комсијата и одлуките на Владата оние кои добиле позитивен ПЦР или брз антигенски тест, а кои не развиле болест Ковид-19 им се одредува домашна изолација од седум дена од денот на тестирањето.

„По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни три дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица или на отворено кога не може да се држи растојание од два метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање)“, објаснуваат од Влада.

Позитивни лица кои сепак имаат симптоми првично ќе добијат изолација од 7 дена, плус три последователни денови доколку лицето е без покачена телесна температура, објаснуваат од Владата.

Една седмица ќе трае и самоизолацијата односно карантинот на лицата кои биле во близок контакт со потврден случај на Ковид 19. По истекот на 7 ден од изолацијата и контактите ќе треба дополнителни три дена строго да ги почитуваат мерките за заштита со носење на маска со повисока заштита и дезинфекција.

Самоизолација поради контакт со позитивен не добиваат вакцинираните со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци или пак, прележаните со Ковид-19, а позитивниот тест не е постар од шест месеци. Овие лица Владата ги обврзува 10 дена задолжително да носат маски N95, да одбегнуваат групирање и да прават честа дезинфекција на рацете.

Владата ја прифати и препораката на Комисијата за заразни болести второто полугодие за учениците во основното и средното образование од 1 феврури да почне со физичко присуство со доследно придржување кон протоколите.

Инаку, во земјите во соседството и во регионот каде второто полугодие почна со физичка настава регистрирани се зголемен број на заразени деца и наставници.

Само во Ниш во понеделникот биле пријавени инфицирани 800 ученици и 200 вработени во образовните установи и поради ова тамошниот синдикат бара да се премине на онлајн настава.