Македонија
26. May 2020 - 22:02

Владата го укина полицискиот час, рестораните почнуваат со работа од четврток

Македонија го живее последниот полициски час. По два месеци од воведувањето, Владата донесе одлука од утре да нема веќе ограничувања за движење, бидејќи, како што велат, епидемијата е под контрола. Клучно за олабавување на рестриктивните мерки е што дневниот просек на заразени во последните две недели е 5,7% од вкупниот број тестирања, а се намалил и просекот на починати лица на 1,1 случај дневно.

Добиена е првата битка, но не и војната. Мора да научиме да живееме со вирусот, а олабавувањето на мерките мора да оди паралелно со почитување на меките мерки, како честа дезинфекција, носење маска, одржување дистанца. бидејќи постои опасност повторно да се вратиме на старо, изјави Филипче.

Од четврток отвараат угостителските објекти, но за почеток само терасите, а за затворените делови ќе се одлучува во наредната фаза за олабавување на мерките, кога ќе се донесат и соодветни протоколи за работа на хотелите.
Владата донесе одлука и за замена на државниот карантин со домашна изолација, доколку при влез во земјава патниците покажат негативен тест направен најмногу 72 часа претходно. Тие што во моментов се сместени во државните карантини може на свој трошок да направат тест и ако е негативен да се упатат во домашна изолација.

Но, сè уште нема датум за отварање на границите.

Властите очекуваат граѓаните да покажат високо ниво на свест за заштита на сопственото и туѓото здравје, а институциите да го контролираат и санкционираат непочитувањето на заштитните мерки. Не е исклучена и можноста за повторно воведување на рестриктивните мерки доколку расте бројот на заразени од Ковид-19.