Македонија
6. February 2023 - 21:11

Владата испраќа помош за настраданите во земјотресот

Македонската влада испраќа шест милиони денари финансиска помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција. 

22 припадници на Баталјонот за специјални сили и две лица водачи на службени кучиња, со две кучиња на Армијата заминуваат да помогнат.

Тим од 40 спасувачи од Македонија обучени за спасување на лица од под урнатини утре заминува во Турција. Ќе носат специјална опрема неопходна за извршување на операции за спасување. Од Дирекција за заштита и спасување се обезбедува и комплетна специјализирана опрема и материјално - текхнички средства за пребарување и спасување од урнатини, шест возила за транспорт на опремата и луѓето и две противпожарни возила.

Владата ги задолжила сите министерства веднаш да обезбедат медицински персонал, лекови, опрема во вид на механизација, шатори, душеци, ќебиња, грејни тела и друг вид соодветна помош.

И Црвениот Крст на Македонија ќе испрати тимови за помош во погодените подрачја, а ќе биде испратена и хуманитарна помош која веќе се собира на повеќе пунктови низ државата. 

Веќе за в среда закажана е и вонредна седница на Советот на Град Скопје на која треба да одлучат за испраќање помош во Турција и Сирија.

И претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски, ги повика сите општини да покажат солидарност и секоја согласно своите можности да одвои финансиски средства за помош на настраданите.