Македонија
28. May 2022 - 16:32

Власта обвинува за поврзаност на Мицкоски со аферата „криминални плацеви“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најавува тужба за клевета

Од владејачката СДСМ го повикаа лидерот на ВМРО- ДПМНЕ да каже каде завршиле украдените пари од како штоја нарекоа аферата „Криминални парцели“ во делчевско во која според обвинителството проневерени се околу 1.600.000 евра преку продажба на ниви на ЕВН Електрани Македонија за изградба на фотонапонски централи.

-Дали 1,6 милиони евра завршиле за финансирање на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ? Или за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?

Дали Мицкоски ја искористил познатата шема на неговиот ментор Никола Груевски и преку својот телохранител ги затскривал трагите за испумпување на пари од ЕВН, како што Груевски правеше со плацовите на Водно?

Овие сомнежи за коишто говориме се основани по сите информации кои изглегоа во јавноста дека станува збор за криминална шема, рече  Марија Георгиевска, пратеничка на СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ побара извинување од СДСМ за навредите и клеветите против него и партијата во спротивно најави дека ќе поднесе тужба. 

Христијан Мицкоски и денеска потенцираше дека верува во презумција на невиност, а сите што се огрешиле пред законот треба да одговараат дури и ако се работи за неговата сестра. 

Лидерот на најголемата опозициска партија побара финансиската полиција и обвинителството да ја истражат продажбата и на останатите 100-тина парцели за иста намена.

-Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите оние останати коишто на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН. Очекувам и Финансиската полиција и Обвинителство да постапат и со останатите 100-200 парцели и останатите продавачи да имаат ист третман. Инаку, во спротивно, третманот ќе се однесува само на поединци, а не генерално, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

За измама при купување парцели за изградба на фотонапонски централи обвинти се седуммина меѓу кои и двајца управители на сектори на ЕВН. На нив и на уште 3 лица синоќа судија на претходна постапка им определи 30-дневен притвор, еден е во куќен притвор, а за седмоосомничената има мерки на претпазливост.