Македонија
24. October 2021 - 16:40

ВМРО-ДПМНЕ објави вибер комуникација како доказ за изборни притисоци од полицијата врз граѓаните

„Земете му ја колата, убијте го, направете нешто”, „Му пуштив едни билдери, ќе го посетат за кратко”, „Употребете ги сите овластувања”, ова се дел од вибер пораките споделувани меѓу началници, комадири и полицајци блиски до СДСМ за време на изборниот ден во Прилеп, а кои имале партиска задача да го попречат изборниот процес и опозициското расположение, откриваат од ВМРО ДПМНЕ.

Над 40 полицајци имале своја вибер група каде што ги координирале активностите. Во улога на партиски извршители тие следеле членови на ВМРО ДПМНЕ и договарале нивно малтретирање и попречување на движењето, тврдат од партијата, обвинувајќи ги полицајците за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека за овој скандал биле информирани од полицајци во самата група, кои повеќе не сакале да учествуваат во овие активности.

„За изборите било договарано, следење, малтретирање и шиканирање на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ. Во групата членувале и командирот на ОВР Прилеп - Дарко Цуцулоски, заменикот командир - Ванеса Колашинац, началникот на НККР Прилеп - Емилија Велкоска, како и Кире Китаноски кој е личен шофер на советникот на министерот Спасовски - Оливер Лукароски, кој според конверзацијата во групата е главниот налогодавец”

Принудно застанување на возила за технички преглед, пцовки за опозициски настроените граѓани и активисти во Прилеп, но и физички закани. Цитирајќи ги пораките, од ВМРО ДПМНЕ велат дека тие се јасен показател за намерите на власта.

„Во друг дел од брифинзите кои си ги даваат помеѓу себе, Дарко Цуцулоски, командирот на ОВР Прилеп пишува – цитирам: „Онај од комуналец замина пешки на кутии“, на што Кире Китаноски шоферот на Оливер Лукарески дава насока – „На технички, земете му ја колата“. Додека Александар Крајоски од БПС Прилеп додава – „Крфта да му ја е...“. На тоа Кире Китаноски, шоферот на Оливер Лукароски уште еднаш дава насока – „Земете му ја колата, убијте го, напрајте нешто“

Располагаме со многу повеќе детали за прилепските полицајци кои ќе ги обелоденат нивните нелегални активности и ќе ги објавиме во наредниот период, најавуваат од ВМРО ДПМНЕ.