Македонија
6. July 2017 - 15:59

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ продолжува со катастрофално делување во образованието

ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека владата на СДСМ продолжува со катастрофалното делување во сферата на образованието.

- Реномираната Кембриџ програма по која учат младите во најдобрите училишта во светот од септември нема да биде дел од образовниот систем бидејќи за СДСМ е единствено важен нивниот поход за оцрнување на сите добри дела и проекти на ВМРО-ДПМНЕ. Порано СДСМ тврдеше дека Кембриџ програмата е штетна и мора да се укине. Сега СДСМ признава дека Кембриџ програмата е светска и квалитетна, но не им чинеле учебниците по кои се спроведува таа програма, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Овој нов катастрофален потег на СДСМ во образованието, како што рече, е дел од антиреформската стратегија на власта која се труди прво да оцрнува добри проекти на ВМРО-ДПМНЕ, па наводно да ги спасува и поправа во последен момент. 

- Сега СДСМ тврди дека да не беше СДСМ ни Кембриџ немаше да е тоа што е. Ваквите штетни и провидни манипулации се само доказ за безидејноста и неработливоста на СДСМ, Дескоска и Заев на кои полесно им е да одлагаат и укинуваат, наместо да земат и да сработат нешто во корист на граѓаните, истакна Данев. 

Тој потсети и на мерката екстерно оценување која, како што рече, постои за да го контролира квалитетот на оценување, а СДСМ од популистички причини ја укина и отвори можност повторно во училиштата во Македонија да има цели одделенија со просек 5.