Македонија
15. September 2016 - 16:20

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО работи по двојни аршини

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ оценува дека Специјалното јавно обвинителство денеска дало најдобар пример за, како што соопшти, двојните аршини по кои работело.

Според ВМРО-ДПМНЕ, обвинителката Фатиме Фетаи тргнала отворено против сите граѓани кои одлучиле да излезат на протест против спречување изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани Веритас се спротивставиле на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради црквата „Свети Константин и Елена“.

- Обвинителката Фатиме Фетаи реши да тргне против верниците кои имаат уставно загарантирано право на протест и имаат право да го изразат сопственото негодување со политиките на Жерновски и СДСМ, само заради тоа што предизвикале материјална штета од 20 евра. Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат штетите од милиони евра предизвикани од вандалите на платеничката револуција,  се вели во соопштението.

Фатиме Фетаи и Катица Јанева, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, ги игнорираат повиците на аболицираниот криминалец Зоран Заев и Радмила Шекеринска и нивната поддршка во палењето, демолирањето, ограбувањето и уништувањето на институции и културно историски споменици при вандалското однесување на членовите на платеничката револуција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Фетаи и Јанева имаат само една цел и се обидуваат неосновано да го оцрнуваат раководството на ВМРО-ДПМНЕ, како што наведуваат, само заради тоа што било и ќе биде на страна на народот. - Фатиме Фетаи и Катица Јанева не го познаваат ВМРО. ВМРО издржало многу покритични напади од нивните. ВМРО ќе ги издржи и овие нарачани политички случаи и ќе остане со народот, истакнува ВМРО-ДПМНЕ.

Специјалното јавно обвинителство најави дека денеска до Основниот суд Скопје 1 ќе поднесе два обвинителни предлога, по скратена постапка, поврзани со кривични дела кои произлегуваат од незаконски прислушуваните разговори. Првиот е за уништување службени документи во Петтата управа во УБК и вториот за настаните во Општина Центар за ДУП „Мал ринг“.