Македонија
20. February 2020 - 16:52

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Шекеринска набавила машини по двојно повисока цена од српската влада, Одбрана демантира

Радмила Шеќеринска е вмешана во сомнителен тендер кој отвора сомнеж дека направила проневера од 250.000 евра обвини денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата објавија документи на кои може да се види дека Министерството за одбрана на Шеќеринска на тендер од српска фирма купило два кинески багери, т.н грејдери,  и за секој од нив, платило по нешто повеќе од 230 илјади евра.

Само неколку месеци подоцна, истата фирма, на српската влада и продала исти такви багери, но Србите, за секој од нив платиле само 108.000 евра или над 120.000 евра помалку од Македонија.

Ваквиот тип на машини имаат широк распон на технички карактеристики, па во зависност од тоа варира и нивната цена, објаснуваат во писмено соопштение од Министерството за одбрана додавајќи дека една иста машина може да има различна цена доколку се разликува нејзината моќност но и дополнителната опрема.

„ За конкретната инженериска машина - грејдер  (2 парчиња) во постапката учествуваа 3 економски оператори кои беа уредно поканети на е-аукција. По е-аукцијата согласно законот беше избрана понудата со најниска цена. 

Во постапката немаше забелешки ниту беше обжалена од страна на било кој од понудувачите.

Очигледно лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ се во насока да предизвика забуна во јавноста и недоверба кон позитивните процеси како што е членството во НАТО, зајакнување на капацитетите на Армијата со нова опрема и модерно оружје, подобрување на условите за работа, зголемувањето на платите, надоместот за станарина итн.“ – стои во соопштението од Министерството за одбрана.