Свет
21. August 2021 - 10:48

Во Конгресот поднесена резолуцијата за отповикување на Бајден

Пратеничката од американската сојузна држава Џорџија, Марџори Тејлор Грин, позната по своите контроверзни изјави, предложи Конгресот да објави постапка за импичмент на американскиот претседател Џо Бајден.

Грин рече дека поднела нацрт-резолуции до Конгресот за смена на Бајден од власт, бидејќи наводно оставил 10.000 Американци во Авганистан откако Талибанците ја презедоа власта. Таа, исто така, тврди дека претседателот ги прекршил законите за имиграција дозволувајќи криза на јужната граница на САД и си присвоил законодавни овластувања, спротивно на ставот на Врховниот суд, со продолжување на мораториумот за иселување на станари кои не ја плаќаат киријата поради економската криза предизвикана од пандемијата.

– За седумте кратки месеци од претседателствувањето на Џо Бајден, Америка ја загуби почитта во светот. Доказите се јасни и неговите постапки се толку груби што мора да биде сменет од функцијата”, се вели во соопштението на републиканската конгресменка.

Нејзината иницијатива има мали шанси за успех во Конгресот, каде што двата дома се контролирани од демократите кои го поддржуваат Бајден.